Infinity Ward потврди дека бета верзијата за Call of Duty: Modern Warfare 4 официјално започнува вечерва во 20:00 часот по наше време, веднаш по завршувањето на специјалниот „стриминг“ настан Call of Duty: NEXT, кој стартува два часа порано.
Заедно со распоредот за тестирање, објавени се и деталните хардверски барања за компјутерите, како и неколку клучни технички промени, кои корисниците треба да ги знаат.
Пристапот во текот на првиот викенд е ограничен исклучиво на играчите кои ја нарачале играта однапред или поседуваат промотивен код. Отворената бета, достапна за сите корисници, ќе започне на 28 август и ќе трае до 1 септември.
Важно е да се напомене дека оваа година бета верзијата се презема како одделен клиент, што значи дека нема да се појави автоматски преку редовното ажурирање на главната Call of Duty апликација.
За непречено гејминг искуство, Activision нагласува дека користењето на SSD-диск е задолжително. Официјалните спецификации се следниве:
Минималнате конфигурација ги вклучува Windows 10, процесор AMD Ryzen 5 1600 или Intel Core i5-8400, 12 GB RAM и графичка картичка NVIDIA GeForce GTX 970 или AMD Radeon RX 470.
За оптимално корисничко искуство се препорачува Windows 11 со процесор Ryzen 5 3600 или Core i7-8700, 16 GB RAM и графички картички како Radeon RX 6700 XT, GeForce RTX 3060 Ti или Intel Arc B580.
Една од најважните промени за компјутерските корисници е строгото барање за вклучени TPM 2.0 и Secure Boot во BIOS-от на матичната плоча. Овие функции се интегрален дел од заштитата на системот „RICOCHET Anti-Cheat“, а без нив стартувањето на играта онлајн нема да биде возможно.
Дополнително, воведена е корисна оптимизација во форма на предвремено подготвување на „shaders“. Овој процес, кој претходно се одвиваше при самото стартување на играта и одземаше значително време, сега е автоматизиран. Корисниците на платформата Battle.net ќе можат да ја искористат оваа функција веднаш, додека за играчите на Steam истата ќе биде активирана за време на вториот бета викенд.
Официјалното лансирање на целосната верзија на Call of Duty: Modern Warfare 4 е закажано за 23 октомври, а од компанијата пуштија и нов „трејлер“ од играта кој можете да го погледнете во продолжение.










































