Европскиот парламент во четвртокот го изгласа продолжувањето на привремената регулатива, позната како „Chat Control 1.0“, која им овозможува на технолошките компании доброволно да ги скенираат приватните комуникации на корисниците во потрага по материјали за сексуална злоупотреба на деца.
Иако 314 пратеници гласаа против мерката, наспроти 276 кои беа „за“, предлогот сепак помина. Ова се случи поради специфичната процедура на второ читање, која наложува апсолутно мнозинство од 361 глас за отфрлање на легислативата, праг кој критичарите не успеаја да го достигнат.
Резултатот значи дека дозволата за доброволно скенирање приватни пораки заради откривање материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца формално важи до април 2028 година. Ова се однесува на сервиси како Gmail, Facebook Messenger, Instagram директните пораки, Skype, Snapchat, iCloud Mail и слични, платформи кои не користат целосно „од-крај-до-крај“ шифрирање.
Дополнително, пратениците усвоија амандман со кој експлицитно се исклучуваат апликациите со целосно шифрирање, како WhatsApp, Signal и iMessage. Тоа звучи како победа за приватноста, но во пракса не менува многу, бидејќи овие сервиси и досега не биле опфатени со скенирањето. Поради тоа што Парламентот го измени текстот на Советот, амандманот сега мора да се врати во Советот на ЕУ, кој има рок до околу 9 октомври да го прифати или отфрли.
Патрик Брајер, поранешен пратеник и активист за дигитални права, го оцени исходот како „фарса” бидејќи текстот помина спротивно на волјата на мнозинството присутни пратеници. Расправата за трајната регулатива, „Chat Control 2.0″, продолжува во есенскиот период.
Одобрувањето на мерката предизвика бурни реакции меѓу пратениците и експертите за дигитални права, кои сметаат дека искористената процедурална дупка го поткопува демократскиот процес, со оглед на тоа што парламентот веќе еднаш ја отфрли истата легислатива претходно оваа година.
За обичниот корисник ова во суштина значи дека ништо драматично не се менува во секојдневието, освен ако не користи некој од наведените неенкриптирани сервиси. Апликациите со целосно криптирање остануваат безбедни за приватна комуникација, а токму затоа многу експерти веќе подолго време препорачуваат преминување кон нив. Сепак, вистинската битка допрва следува преку „Chat Control 2.0″, каде што се разговара за задолжително, наместо доброволно скенирање.






































