Фото: Shutterstock.com

Од оваа недела, сите нови преносни компјутери кои се продаваат на пазарот во Европската Унија мора да бидат опремени со USB-C приклучок за полнење. Оваа обврска е дел од регулативата за заеднички полнач која веќе се применува за паметните телефони, таблетите и камерите. 

Со проширувањето на овие правила, Европската Унија ја заокружува иницијативата за стандардизација на полначите кај најкористените електронски уреди.

Главната цел на оваа регулатива е да се поедностави корисничкото искуство и значително да се намали количината на електронски отпад. Со поставувањето на USB-C како универзален стандард, потрошувачите повеќе нема да бидат принудени да купуваат нов полнач при секоја набавка на нов уред. Истиот полнач и кабел сега ќе можат да се користат за повеќе различни уреди, што ќе донесе и директни финансиски заштеди за корисниците.

Оваа промена е резултат на законот кој Европскиот парламент го изгласа претходно, со кој се побара од сите производители на електроника да го имплементираат овој приклучок. 

Овој закон доби уште поголемо внимание поради тоа што тој беше одговорен за конечното префрлување на iPhone од Lightning на USB-C после години на одбивање од страна на Apple.

Додека индустријата за паметни телефони веќе ја заврши оваа транзиција, производителите на лаптопи имаа дополнителен рок за да ги прилагодат своите уреди на новите барања. 

Од оваа недела тој рок е истечен, што значи дека сите производители мора целосно да се усогласат со правилата доколку сакаат нивните уреди да бидат присутни на европскиот пазар.