Microsoft го претстави Maia 300, третата генерација на сопствените чипови за вештачка интелигенција и најави дека од 2027 година Maia системите ќе ги прошири до капацитет од повеќе гигавати. Целта, според Скот Гатри, извршен потпретседател за „облак“ и вештачка интелигенција, е Maia да стане главниот систем за инференција, односно за извршување на моделите, во производите и услугите на компанијата.
Претходникот Maia 200 веќе работи во продукција. Според Microsoft, на него работат дел од услугите на компанијата, меѓу кои и Microsoft Copilot, а до крајот на годината треба да се префрлат и GitHub Copilot и Microsoft Foundry. Чипот се воведува во податочните центри во САД, Европа и Австралија, а на него работат модели на OpenAI, сопствените MAI модели и популарни модели со отворен код.
Компанијата тврди дека Maia 200 дава до 1,7 пати повеќе „токени“ по ват кај вградените AI функции во Teams, Copilot и Cowork во споредба со „водечката GPU инфраструктура“. Microsoft не наведува со кои конкретни GPU системи прави споредба.
Maia 300 е дизајниран првенствено за инференција. Microsoft очекува тој да дава 40% повеќе „токени“ по мегават од водечките системи со GPU, како и до седум пати поголема пропусност на „токени“ од Maia 200, но тоа е во цел „rack“ со 96 чипови. Ова се проценки на компанијата за систем што сè уште не е во употреба. Microsoft не наведува услови ниту за 40%, ниту за седумкратното зголемување, кое го повторува и во техничката објава.

Според спецификациите, секој чип има осум HBM4 мемориски модули со вкупно 288 GB и пропусност од 18 TB/s, а максималната потрошувачка (TDP) е 950 вати. Делот за пресметки се произведува со процесот N2P на TSMC, а еден „rack“ со 96 чипови троши до 167 киловати. Системот користи течно ладење, кое според компанијата отстранува над 80% од топлината.
Вакво нешто не е ново кај најголемите компании кои располагаат со соствените дата центри. Google оваа година ја претстави осмата генерација TPU чипови, со посебен модел за инференција, а Amazon го развива Trainium. Сепак, Microsoft со ова изгледа дека сака да ја намали зависноста од NVIDIA, иако во објавата не спомнува дека ќе престане да купува GPU од нив.
Повеќе детали компанијата ќе сподели на конференцијата Ignite 2026, која ќе се одржи од 17 до 20 ноември во Сан Франциско.





































