Октомври изгледа ќе биде доста зафатен месец за Apple. Покрај настанот на 13 октомври, кој Apple вчера го потврдија со поканите „Welcome home“, компанијата планира и второ претставување на крајот од месецот, пишува Марк Гурман во најновата статија за Bloomberg.
Според неименуваните извори на Гурман, претставувањето е закажано за вторник, 27 октомври или околу тој датум, а Apple не сакале да коментираат. Главната новина би бил првиот MacBook со екран на допир, а покрај него и нов iPad mini.
Новите MacBook Pro, со интерни ознаки K114 и K116, ќе бидат полесни од сегашните модели и ќе имаат OLED екрани. Тие ќе го добијат и Dynamic Island, делот од екранот што корисниците на iPhone веќе добро го познаваат.
Bloomberg за проектот првпат пишуваше уште во 2023 година, а Гурман во март овој MacBook го стави во новата, поскапа „Ultra“ категорија на Apple, заедно со iPhone на преклоп.
Новиот iPad mini, со интерна ознака J510, исто така ќе добие OLED екран, како и камера за видео повици поставена на хоризонталната страна и нов систем на звучници. На крајот на месецот се очекуваат и MacBook Pro од 14 инчи и iMac со M6 чипот, кој Apple во август го претставија со новиот Mac mini. Тие, според Гурман, ќе изгледаат исто како сегашните модели.
Како и настанот за паметниот дом и овој ќе има видео презентација на интернет и дел на кој новинарите ќе ги видат уредите во живо, пишува Гурман. Претставувањето ќе биде насочено кон креативците кои работат со видео, фотографии и музика, а вакво претставување на нови производи Apple, според Bloomberg, последен пат одржаа во Лос Анџелес во 2024 година.
Ова е дел од рекордно голема низа нови производи под новиот директор Џон Тернус, кој функцијата ја презеде минатиот месец, а сака компанијата да ја воведе на нови пазари и да ги зголеми приходите од поврзаните сервиси.
На 13 октомври Apple, според Гурман, планираат да го претстават првиот уред за паметен дом со екран, нов HomePod mini и нов Apple TV, сите со Siri во центарот.
За првата половина од следната година компанијата планира и неколку други Mac и iPad уреди, пишува Bloomberg.
Со OLED екранот и екранот на допир новите MacBook Pro веројатно нема да бидат поевтини од сегашните, особено откако Apple во јуни ги зголемија цените на Mac и iPad уредите.






































