Брендон Томас, основач на ArtCraft и Storyteller.ai, неодамна објави седум бесплатни програми со отворен код направени по „пример“ на главните алатки на Adobe: PhotoCraft (Photoshop), VectorCraft (Illustrator), FilmCraft (Premiere Pro), LightCraft (Lightroom), EffectCraft (After Effects), DesignCraft (InDesign) и PdfCraft (Acrobat), кој првично се викаше PrintCraft.
Сега на GitHub се појави и WordCraft, кој проектот го опишува како „clean-room“ реимплементација на Microsoft Word, односно програма направена од јавни спецификации и набљудување на оригиналот.
Најпознатата меѓу нив е PhotoCraft, која на GitHub веќе има над 30.000 ѕвезди. Сите Crafting Apps се пишувани од нула во програмскиот јазик Rust, работат на macOS, Windows и Linux, а можат да се управуваат и од AI агенти. Плановите на проектот отворено ја мерат преостанатата работа во часови работа на агенти на Claude Opus 5.5, а Claude е наведен како ко-автор на повеќето промени во кодот.

Сепак, самиот проект е искрен за ограничувањата. За PhotoCraft пишува дека е во рана алфа фаза и „сè уште не е замена за Photoshop за секојдневна професионална работа“, а вистинската сличност ја проценува на „далеку под 50%“. И OMG! Ubuntu по тестирањето заклучи дека слични функции на слични места и со слични имиња не значат и исто однесување. Според нив, разликите се мали и обичните корисници нема да ги забележат, но професионалците ќе ги забележат.
Првата промена во кодот на WordCraft е од 6 октомври, а верзијата 0.3.0 е означена два дена подоцна. Програмата отвора и зачувува .docx, .odt, .rtf, .html, .md и .txt, извезува PDF и ги има „ribbon“ менито, стиловите, табелите, следењето промени и спојувањето пошта. Според авторите, 87% од функциите во „ribbon“ менито и менијата на Word имаат соодветна команда, но реалната сличност ја проценуваат на околу 62%, а графиконите, SmartArt и уредувачот на равенки сè уште ги нема.
Авторите нагласуваат дека WordCraft сè уште не е стигнат ни до алфа фаза. Според плановите на проектот, до алфа е изминат „околу 85% од патот“, а The Register советува засега да не се користи за сериозна работа. Најголемата пречка е што поддршката за .docx сè уште не е тестирана на збирка вистински документи, а печатењето засега оди преку PDF.
Под истата организација веќе има и GridCraft, замена за Excel и DeckCraft, замена за PowerPoint која е во рана фаза на развој. Темпото е импресивно, но скептицизмот е оправдан.
It’s FOSS во неделниот билтен за клоновите на Adobe напиша дека не треба да се имаат големи очекувања и дека ќе биде интересно дали проектот ќе се развива и за неколку месеци, бидејќи со AI е лесно да се направи програма, а потоа да се заборави на одржувањето.
Засега проектот изгледа повеќе како демонстрација на брзината на AI програмирањето отколку како вистинска алтернатива на LibreOffice или на новата европска замена за Office.
Microsoft го примил прашањето на The Register, но не дал одговор, а Adobe одбил да ги коментира проектите.






































