Скопје, 05.05.2026 година – Синоќа во просториите на НЛБ Галерија, во присуство на високи претставници на институциите, дипломатскиот кор и бизнис секторот, се одржа хуманитарната продажна изложба именувана како „Уметноста на инклузијата“. 

Настанот, организиран од Специјална Олимпијада Македонија (СОМ) во партнерство со НЛБ Банка, беше круна на еден исклучителен креативен процес во кој атлетите на СОМ твореа заедно со вработени од Банката и ученици од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, под менторство на уметницата-педагог Мирослава Микица Трујкановиќ.

На изложбата беа претставени 17 дела кои ја демонстрираа моќта на инклузијата низ бои и форми. Оваа специфична синергија помеѓу атлетите, банкарските професионалци и младите уметници покажа дека креативноста е универзален јазик кој ги премостува сите разлики.

„Оваа изложба уште еднаш докажа дека кога ќе им се даде простор, нашите атлети не познаваат граници. Тие се шампиони и на теренот и пред платното. Особено сме благодарни на партнерите од НЛБ Банка, талентираните ученици од ‘Лазар Личеноски’ и уметницата Мирослава Микица Трујкановиќ кои со својата поддршка и присуство помогнаа инклузијата да ја практикуваме на дело.“ истакна г-ѓа Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада, која со личен пример ја започна хуманитарната акција, купувајќи едно од изложените дела.

Г-дин Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка, која е долгогодишен партнер на Специјалната Олимпијада, во своето обраќање ја потенцираше важноста на ваквите иницијативи: „За НЛБ Банка, поддршката на Специјална Олимпијада е традиција на која сме исклучително горди. Инклузијата е темел на здраво општество, а фактот што нашите вработени несебично работеа заедно со атлетите на овие платна, дава дополнителна човечка вредност на целиот проект. Ова е доказ дека заедно можеме да го препознаеме, вреднуваме и поттикнеме потенцијалот кај секој поединец.“

„Инклузијата не е само цел кон која стремиме, туку пракса која треба да ја живееме секојдневно. Глетката на овие уметнички дела, резултат од творењето на волонтерите и атлетите рамо до рамо е моќен потсетник дека кога ќе обезбедиме соодветна средина, секој поединец може да заблеска. Оваа соработка е златен стандард за тоа како се градат инклузивни заедници во целиот свет.“, потенцираше г-дин Свен Албрехт (Sven Albrecht), Претседател и генерален директор, Специјална Олимпијада Европа Евроазија, дополнувајќи дека вклучувањето на млади уметници од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во вакви проекти е одличен пример за едукација на младите генерации во духот на емпатијата и прифаќањето.

Изложбата помина во топла атмосфера каде присутните имаа можност директно да поразговараат со авторите. Сите 17 дела беа предмет на хуманитарна продажба, а собраните средства се наменети за поддршка на понатамошните активности на Специјална Олимпијада Македонија.

Проектот „Уметноста на инклузијата“ покрај тоа што ги обедини СОСМ, НЛБ Банка и ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, истовремено постави и нов стандард за општествена одговорност преку културата. Оваа иницијатива уште еднаш потврди дека со спој на ресурсите, талентот и емпатијата, градиме средина каде секој поединец е вреднуван, а секој заеднички успех е победа за целото општество.