Доста кратко по најавата оваа недела, Apple и официјално ја прошири достапноста на нивниот познат Apple TV сервис во повеќе нови земји во светот, меѓу кои и Македонија.
Тоа значи дека корисниците на нашиот пазар добиваат уште еден избор на „стриминг“ сервис за филмови и серии, конкурент на веќе достапните Netflix, Prime Video, Disney+, SkyShowtime и HBO Max.
Интересна е стратегијата која Apple ја примени и наместо сервисот да го наплаќа како во претходно достапните земји, околу 15 долари месечно, тие за земјите како нашата истиот го додадоа како дел од iCloud+ сервисот.
iCloud+ има неколку пакети, од кои најевтиниот доаѓа со месечна цена од 0,99 долари и вклучува 50GB простор во iCloud, меѓу другото. Наредниот пакет, кој доаѓа со 200GB простор чини 2,99 долари месечно, а достапни се уште три пакети, но со доста поголем простор.

Како дел од додавањето на Apple TV во iCloud+ е и Apple Arcade сервисот, кој и досега беше достапен, но со посебна претплата.
Apple Arcade е сервис за игри кој нуди подобар избор од стандардниот кој е достапен во App Store.
Како дел од Apple TV се достапни доста познати серии и филмови кои се во продукција на Apple, па сега корисниците веќе не мора да бараат алтернативни начини за да ги гледаат.






































