Фото: ScrollEd

Стартапот ScrollEd од Пало Алто развива нова дигитална платформа која има за цел да ги претвори традиционалните академски учебници во интерактивен формат кој наликува на социјалните мрежи. 

Основана од студентите Утсав Гупта и Ребека Неф, компанијата го претстави својот проект на конференцијата TechCrunch Disrupt. Основната идеја на платформата е да го промени начинот на кој студентите ги консумираат образовните материјали, префрлајќи го фокусот од класично читање долги текстови кон модуларен приказ кој се базира на вертикално листање.

Идејата за ScrollEd доаѓа поради фактот што помладите скоро и да не можат да го задржат вниманието на една активност подолго време, а познато е дека како „кривец“ за тоа се истакнува вертикалната содржина која стана популарна со TikTok.

Наместо статични страници или стандардни документи, ScrollEd ги дели обемните универзитетски учебници на помали микромодули. Корисниците можат да ги прикачат своите учебници, па со помош на вештачката интелигенција се креира содржината за учење. 

Интерфејсот вклучува мултимедијални елементи како кратки видеа во траење од 45 до 90 секунди, аудио записи и динамични дијаграми. 

Дополнително, системот интегрира кратки тестови кои природно се појавуваат во текот на листањето, со што се бара активно учество од корисниците пред да продолжат понатаму низ материјалот. 

Оваа архитектура е приспособена за мобилни уреди и им овозможува на студентите да учат во кратки интервали за време на нивните секојдневни обврски.

За да се задржи академската точност на содржините, компанијата директно соработува со академски издавачи и институции. Преку овие партнерства, ScrollEd ги лиценцира и адаптира официјалните наставни програми во својата дигитална рамка. 

Паралелно, стартапот користи мрежа на креатори во која се вклучени едукатори, докторанти и научни комуникатори. Тие се задолжени за создавање на видео објаснувањата кои се проверуваат пред да бидат објавени, за што креаторите добиваат соодветен надомест базиран на ангажираноста на студентите.