
Се работи за „транс-нептунскиот објект“ (612533) 2002 XV93, кој се наоѓа во Кајперовиот Појас, регионот зад орбитата на Нептун населен со илјадници замрзнати, карпести тела, остатоци од формирањето на нашиот Сончев систем пред 4,5 милијарди години.
Студијата е објавена во списанието Nature Astronomy, а за откритието првично дознавме од објавата на CNN.
Според досегашните сознанија, ниските температури и слабата гравитација на ваквите мали тела не би требало да дозволуваат задржување на атмосфера. Единствен исклучок во овој регион беше џуџестата планета Плутон, која има тенка гасна обвивка.
Сепак, поголемите „транс-нептунски објекти“ како Ерис, Хаумеа, Макемаке и Куаоар не покажуваат знаци на атмосфера, па затоа откритието на атмосфера околу значително помал објект изненади многумина. Плутон има дијаметар од 2.377 километри, а 2002 XV93 само околу 500 километри.
Тимот предводен од д-р Ко Аримацу од Националната астрономска опсерваторија на Јапонија ја искористи ретката можност кога овој објект поминувал пред светла ѕвезда во јануари 2024 година, појава наречена ѕвездена окултација. Користејќи опсерватории во Кјото и Нагано, како и телескоп управуван од граѓански научник во Фукушима, истражувачите забележале дека светлината на ѕвездата постепено избледила во период од околу 1,5 секунди.
Кај објект без атмосфера, ѕвездата исчезнува нагло, па ваквото меко затемнување е јасен показател дека светлината била искривена од тенка гасна обвивка.
Пресметките покажуваат дека атмосферата е помеѓу 5 и 10 милиони пати поретка од Земјината. Истражувачите имаат две хипотези за нејзиното потекло, односно може да биде резултат на вулканска активност која ослободува метан, азот или јаглерод моноксид од внатрешноста на објектот или пак е последица на удар од друго тело како комета.
Ако станува збор за удар, атмосферата би траела само неколку стотици години, додека вулканската активност би можела да ја одржува многу подолго.
Идните набљудувања, особено со вселенскиот телескоп James Webb, ќе помогнат да се утврди составот и потеклото на атмосферата.









































