Фото: Google

Google започнува со имплементација на Cloud Fraud Defense, систем кој е дизајниран како следна фаза во еволуцијата на добро познатиот систем reCAPTCHA. 

За разлика од претходните решенија кои главно беа фокусирани на разликување луѓе од обични ботови, новата платформа е развиена како одговор на сè поприсутниот веб управуван од автономни агенти со вештачка интелигенција. 

Промената доаѓа во период кога овие автономни системи, иако корисни за дигиталните интеракции, отвораат нови можности за софистицирани злоупотреби и измами.

Главната цел на Cloud Fraud Defense е да обезбеди сеопфатна верификација која ќе може прецизно да ги класифицира луѓето, класичните ботови и ВИ агентите. За да им овозможи на сопствениците на веб страните подобра контрола, Google воведува нова контролна табла за мерење на активноста на агентите, како и систем за креирање специфични политики. 

Овие алатки овозможуваат блокирање или дозволување на пристапот врз основа на проценка на ризикот, видот на автоматизација и самиот идентитет на агентот кој се обидува да пристапи до содржината.

Еден од највпечатливите новитети во пристапот кон безбедноста е новиот начин на проверка на човечкото присуство. Кога системот ќе забележи потенцијално малициозна активност која наликува на автоматизирана измама, пред корисниците ќе се појави предизвик базиран на QR код, наместо фотографии со автобуси, семафори или пешачки премини за да докажат дека се луѓе. Овој метод е дизајниран да биде отпорен на системи со вештачка интелигенција и има за цел да ги направи автоматизираните напади економско неисплатливи за оние кои се обидуваат да ги злоупотребат сервисите.

Транзицијата кон новата платформа ќе биде автоматска за сите постоечки корисници на reCAPTCHA, без потреба од дополнителна миграција, промена на конфигурациите или нови трошоци, со што се задржува континуитетот во заштитата на дигиталните сервиси.

Реакциите за оваа новина не се целосно позитивни, па критиките доаѓаат во главно поради можноста за скенирање на QR кодот само од страна на Android уреди со Play Services и поновите iPhone телефони. Ова директно ги исклучува корисниците на системите како GrapheneOS, познат како доста приватна алтернатива на Android која не доаѓа со Play Services токму поради поголемата приватност.