Скопје, 17 јуни 2026 – На Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, синоќа се одржа 20-тата јубилејна модна ревија на студентите од насоката „Дизајн и инженеринг на облека“ под мотото „Вортекс импресии“, на која беа претставени околу 40 креации изработени под менторство на проф. д-р Лидија Георгиева.

Пред бројните посетители, студентите ги презентираа своите креативни и иновативни модни решенија, демонстрирајќи ги знаењата и вештините стекнати во текот на студиите, како и способноста да одговорат на современите трендови во модната и текстилната индустрија.

Во своето обраќање, деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Игор Јорданов, истакна дека ревијата претставува многу повеќе од презентација на модни креации.

„Оваа ревија е доказ дека инженерството и уметноста можат да се надополнуваат и заедно да создаваат вредности кои инспирираат. Во секој модел се вградени знаење, истражување, креативна мисла и огромен труд. Горд сум што нашите студенти од насоката Дизајн и инженеринг на облека покажуваат талент, знаење и визија со кои можат рамноправно да се носат со современите светски трендови во модата и текстилната индустрија“, рече деканот Јорданов.

Во рамки на настанот беа доделени признанија на професорките во пензија, професор д-р Соња Кортошева и професор д-р Зорка Тодорова Младеновиќ за нивниот значаен придонес во воспоставувањето и етаблирањето на модната ревија како значаен дел од едукацијата на стручен кадар за текстилната и модната индустрија. Признание доби и професор д-р Лидија Георгиева, која успешно ги води студентите низ процесот на создавање модни креации и реализација на ревијата.

Признанија беа врачени и на Ротари Клуб Скопје Центар за поддршката при издавањето на првиот учебник за мода во земјава, „Историјата на модата“, авторско дело на проф. Зорка Тодорова Младеновиќ, како и на Пивара АД Скопје, која преку соработка со студентите од насоката Прехранбена технологија овозможи развој на три крафт пива – Ruby Sour, Green Theory и Mountain Nectar под менторство на професор д-р Донка Донева Шапчевска и м-р Деспина Костадинова Јанковски. Посетителите на настанот имаа можност и да ги дегустираат пивата создадени како резултат на оваа соработка.

Јубилејната ревија уште еднаш ја потврди посветеноста на Технолошко-металуршкиот факултет кон поттикнување на креативноста, практичната настава и поврзувањето на образованието со индустријата.