Проблематичните „драјвери“ со години претставуваат една од главните причини за нестабилност на Windows, често резултирајќи со појава на познатиот „син екран на смртта“ или неможност за подигнување на системот.
Досега, решавањето на ваквите ситуации најчесто бараше интервенција од страна на корисникот, што за помалку искусните лица може да биде комплексен и фрустрирачки процес.
Microsoft сега работи на решение кое значително ќе го олесни овој процес преку автоматизација на исправката поддржана од серверите на компанијата или популарно кажано, од „облакот“.
Новата функција, наречена Cloud-initiated Driver Recovery, е дизајнирана да ги идентификува „драјверите“ кои предизвикуваат сериозни грешки во работата на компјутерот. Кога оперативниот систем ќе забележи дека одредена нова надградба на „драјвер“ го попречува правилното вчитување на системот, тој ќе може да искористи специјални инструкции од серверите на Microsoft за да го реши проблемот.
Овој механизам овозможува автоматско враќање на претходната функционална верзија на „драјверот“, без потреба корисникот да пристапува до напредните менија за поправање или до безбедниот режим на работа.
Овој пристап е дел од пошироката стратегија на компанијата за подобрување на доверливоста на Windows Update процесот. Со користење на инструкции од серверите, Microsoft може многу побрзо да реагира кога ќе се утврди дека одредена надградба почнала да предизвикува проблеми кај поголем број корисници истовремено.
На овој начин се спречува понатамошно ширење на неисправниот софтвер и се обезбедува континуирана функционалност на уредите, дури и во случаи кога дошло до ненамерна грешка при дистрибуцијата на најновите софтверски компоненти.
Иако оваа можност најмногу ќе им биде од корист на обичните корисници кои сакаат стабилен уред без потреба од техничко познавање, таа има големо значење и за деловните средини. Намалувањето на бројот на компјутери кои бараат физичка интервенција од ИТ администраторите поради софтверски дефект може значително да го олесни одржувањето на големите системи.






































