Фото: Samsung

Samsung официјално ја отвори бета програмата за новиот кориснички интерфејс One UI 9, кој е изграден врз основа на Android 17. Во оваа прва фаза, можност за тестирање имаат корисниците на паметните телефони од серијата Galaxy S26 во одредени региони, меѓу кои за жал никогаш не е Македонија.  

Софтверот носи низа практични промени насочени кон поголема контрола на уредот, зајакната заштита од малициозен софтвер и нови алатки за креативност, додека целосната верзија на One UI 9 со сите напредни функции за вештачка интелигенција ќе дебитира со следните премиум уреди на компанијата подоцна оваа година.

Меѓу клучните новитети во бета верзијата е редизајнираниот панел за брзи контроли кој сега им овозможува на корисниците самостојно да ги прилагодуваат големината и распоредот на лизгачите за осветленост, звук и контрола на мултимедијата. 

Апликациите како Samsung Notes добиваат дополнителни стилови на пишување и декоративни елементи, додека „адресарот“ е директно поврзан со алатката Creative Studio за креирање персонализирани профилни картички. 

Пријавувањето за бета програмата моментално е ограничено на пазарите во САД, Обединетото Кралство, Германија, Полска, Индија и Јужна Кореја преку апликацијата Samsung Members. 

Иако тестирањето се одвива на ограничен број пазари, овие промени даваат јасна слика за насоката во која Samsung го развива својот софтвер пред неговата глобална дистрибуција на останатите поддржани уреди и земји.