Google на настанот „The Android Show: I/O Edition“ го претстави сосема новиот пристап кон својот оперативен систем, наречен Gemini Intelligence, кој според компанијата го трансформира Android од оперативен во „интелигентен систем”.
Функциите ќе се пуштаат постепено, прво на најновите Samsung Galaxy и Google Pixel телефони ова лето, а до крајот на годината и на часовници, автомобили, очила и лаптопи.
Срцето на новиот пристап е автоматизацијата на задачи кои бараат повеќе чекори низ апликациите. Корисникот може долго да го притисне копчето за вклучување над листата за пазарување во „Notes” и да побара од Gemini да состави онлајн нарачка за достава.
Слично, ако ја сликате брошурата за патување во некој хотел, можете да побарате „најди слична тура на Expedia за шест лица”, а Gemini ја работи логистиката во заднина, па вие добивате известувања за прогресот.
Како што нагласува Google, асистентот делува само на ваша команда и запира штом задачата ќе биде завршена.
Од крајот на јуни, Gemini се интегрира и во Chrome за Android со можности за сумирање, споредба и „автоматско прелистување”, како на пример автоматско резервирање термини или паркинг места.
Дополнително, „Autofill with Google” станува попаметен и ќе ги пополнува сложените формулари користејќи податоци од поврзаните апликации, секако со избор од страна на корисникот.
Особено интересна е новата функција „Rambler“, која ги претвора говорните мисли во полирана порака. Наместо да внимавате како зборувате, можете слободно да зборувате со „ееее” и поправки, а Gemini ќе го извлече битното. Rambler работи и со мешани јазици во иста порака, што има смисла за глобална публика. Штета што македонскиот веројатно нема да биде поддржан во почетокот.
На крај, со „Create My Widget” корисниците можат да прават сопствени „виџети“ опишувајќи со зборови што сакаат да гледаат, како на пример, временска прогноза само со ветер и дожд за велосипедисти.





































