Microsoft ја објави септемвриската безбедносна надградба за Windows 11, означена како KB5124008, која носи неколку промени во корисничкиот интерфејс и перформансите, покрај стандардната исправка на безбедносни грешки.  

Оваа верзија е наменета за корисниците на верзиите 24H2 и 25H2 од Windows 11, но поддршката за 24H2 истекува во октомври, што значи корисниците ќе мораат да ја инсталираат најновата верзија од системот.

Со септемвриската надградба се враќаат некои од функционалностите кои беа присутни во претходните оперативни системи, конкретно во Windows 10.

Корисниците сега имаат можност да ја преместат долната лента, односно „таскбарот“ на горниот или страничниот дел од екранот, опција која се активира преку Settings, иако нејзината достапност кај корисниците се одвива постепено. 

Дополнително, воведена е можност за вистинско намалување на долната лента, при што се намалува габаритот на целиот елемент, а не само иконите во него. 

Старт менито исто така добива нови опции, овозможувајќи им на корисниците да ја менуваат неговата големина преку автоматски, голем или мал формат, како и целосно да ги сокријат секциите за закачени апликации или неодамнешни датотеки.

Една од позабележителните промени е можноста за целосно исклучување на резултатите од Bing и продавницата за апликации од системското пребарување. Ова овозможува пребарувачот да прикажува исклучиво локални датотеки и апликации, што резултира со побрзо функционирање без потреба од дополнителни модификации. 

Надградбата носи и подобрувања во брзината на вчитување на File Explorer, особено на компјутери со 8 GB меморија. 

Во делот на поправки, отстранети се софтверските грешки кои предизвикуваа исчезнување на покажувачот на глувчето, претворање на позадината на работната површина во црна боја, како и паѓање на апликациите Teams и Outlook кај уредите базирани на ARM архитектура.