Google официјално го промени распоредот за издавање нови верзии на нивниот Chrome од четири на две недели. Оваа транзиција започна со пуштањето на верзијата Chrome 153, која е веќе достапна за корисниците на десктоп компјутери, iOS и Android уреди.
Со овој потег, компанијата се оддалечува од четиринеделниот циклус кој беше воведен во 2021 година, прилагодувајќи се на брзите промени во развојот на софтвер и новите безбедносни предизвици.
Оваа промена беше најавена во март оваа година, а кратко подоцна иста промена најавија и од Mozilla.
Според претставниците на Google, забрзаното темпо е директен одговор на влијанието кое вештачката интелигенција го има врз сајбер безбедноста. Автоматизираните алатки базирани на јазичниот модел Gemini сега им помагаат на инженерите на Chrome побрзо да откријат пропусти кои претходно барале многу повеќе време за идентификација.
Главната цел е драстично да се намали времето од откривањето на ранливоста до испораката на решението до крајните корисници, со што им се остава помалку време на напаѓачите да ги искористат пропустите.
Покрај безбедносниот аспект, двонеделниот распоред му дава простор на Google побрзо да испорачува и да тестира нови функции директно во прелистувачот, нешто што исто така побрзо се прави поради ефектот врз продуктивноста на вештачката интелигенција.
Оваа динамика станува стратешки важна бидејќи конкурентните прелистувачи како Mozilla, Microsoft и Brave веќе преминаа на слични двонеделни циклуси на ажурирање. Помалите и почести надградби се побрзи за преземање и носат помалку прекини во секојдневното работење на корисниците.
Следното ажурирање, Chrome 154, е веќе закажано за 22 септември.
За деловните корисници и организациите кои претпочитаат постабилно темпо на промени, Google продолжува да го нуди каналот за продолжена стабилност. Оваа опција обезбедува неделни безбедносни закрпи, додека големите надградби со нови функции се испорачуваат на секои два месеци, овозможувајќи им на ИТ администраторите да ја задржат контролата врз системите.







































