Netflix го претстави AI Discover, нов дел во апликацијата за телевизорите каде мал број корисници ќе можат да пробуваат нови начини за откривање филмови и серии. Компанијата го нарекува своја „тест кујна“, во која ќе ги проба новите идеи, а дел од нив подоцна би можеле да стигнат и до главниот дел на апликацијата.
Првата ваква функција е изградена околу теми, од кои секоја е прикажана со кратко видео од некоја серија или филм. Дел од темите се според расположението („Something Light“, „Scare Me“), според тоа со кого гледате („Family Movie Night“) или според времето што го имате („Quick Watches“), а други ја следат новата и популарната содржина или она што сте го гледале во последно време.
Со избор на тема се добиваат предлози, а потоа се појавуваат поконкретни теми за понатамошно стеснување. Ако ништо не ви се допаѓа, „Something Different“ нуди сосема нов сет предлози.
Покрај копчињата „Play“ и „My List“, секој наслов добива и копче „Tune Your Recommendations“, со кое можете да задржите предлог или да побарате тој наслов повеќе да не ви се предлага. Според страницата за помош, барањето наслов да не ви се предлага важи само во AI Discover и не ги менува предлозите во остатокот од Netflix.

Според Netflix, вештачката интелигенција помага во создавањето на темите, а предлозите се засноваат на историјата на гледање, вашите преференци и времето од денот. Компанијата вели дека AI Discover работи со нов „intelligence layer“ кој реагира на она што корисниците го бараат во реално време, но не кажува кои модели ги користи. Самата компанија на страницата за помош предупредува дека, како и секоја функција со вештачка интелигенција и оваа може да греши.
Ова не е прв ваков обид на Netflix. Минатата година, според Bloomberg, компанијата тестираше пребарување со помош на технологијата на OpenAI на iOS во Австралија и Нов Зеланд, а неколку недели подоцна, со редизајнот на апликацијата за телевизори и официјално најави мала бета верзија на пребарување со вештачка интелигенција на iOS, на која корисниците се пријавуваат сами.
AI Discover постепено ќе стигнува до корисниците во САД кои Netflix го користат на англиски јазик на поддржани телевизори и уреди за „стриминг“, а во наредните недели ќе се отвора за повеќе корисници. Функцијата не е достапна на детските профили, нејзиното користење не е задолжително, а оние што ќе ја добијат ќе видат кратенка „Discover“ во горното мени и ќе добијат е-пошта.
Netflix не спомнува други земји, па засега AI Discover не е достапен кај нас, ниту е познато дали и кога ќе стигне.






































