Фото: OpenAI

OpenAI вчера објави интеграција на Codex во мобилната ChatGPT апликација за iOS и Android, со што алатката за програмирање со вештачка интелигенција станува достапна и кога не сте пред компјутер. 

Функцијата е во тест фаза, но е отворена за сите ChatGPT пакети, вклучително и за бесплатниот.

Codex е „агент” за програмирање што OpenAI го лансираше во мај минатата година, а од тогаш доби и десктоп апликација и Chrome екстензија. Со новата мобилна интеграција, корисниците можат да се поврзат на машината на која Codex веќе работи, како лаптоп, наменски Mac mini и да ја следат активноста во реално време.

Оваа нова можност доаѓа логично како следниот чекор по додавањето на можноста за контрола на компјутерот од страна на Codex десктоп апликацијата. 

Поставувањето е едноставно. По поврзувањето, на телефонот пристигнуваат слики, изводи од терминалот, разлики во кодот и резултати од тестови, а корисникот може да одобрува команди, да менува модели или да започне нова задача.

Датотеките, лозинките и локалните поставки остануваат на машината каде што Codex работи, додека телефонот служи како интерфејс.

Од OpenAI даваат и неколку пример зошто достапноста на Codex на мобилните е важна работа, па корисниците ќе можат да „проверат грешки во кодот додека пијат кафе“. 

Кратко кажано, задачите кои веќе му се дадени на ВИ агентот на компјутерот, не мора да се чека корисникот повторно да се врати на истиот за да може да се направат промени или дури и да се започнат целосно нови задачи. 

Засега, поврзувањето од телефон функционира само со Mac, додека поддршката за Windows OpenAI ја најавува наскоро. 

Според компанијата, повеќе од 4 милиони луѓе неделно користат Codex, а тие „мали моменти” на одобрување или промена на насоката стануваат сè поважни како што ВИ агентите преземаат подолги задачи.