Корисниците на Windows кои го користат интернет прелистувачот Google Chrome конечно можат да гледаат содржини од Netflix во 4K резолуција. Досега, следењето филмови и серии во највисок квалитет на оваа платформа бараше користење на Microsoft Edge на Windows, додека „стримовите“ на Chrome беа ограничени на пониска, Full HD резолуција и покрај тоа што корисниците поседуваа соодветен хардвер.
Според информациите споделени од корисникот Saurax на X, новата поддршка е веќе активна за корисниците со Chrome верзија 117 или понова.
За да се искористи оваа можност, прелистувачот не е единствениот услов што треба да биде исполнет. Корисниците мора да имаат ажуриран Windows 11, како и активен Premium план на Netflix кој вклучува стриминг во Ultra HD квалитет. Дополнително, во самите поставки за репродукција на сервисот, квалитетот треба да биде нагоден на автоматски или висок режим, а избраниот наслов навистина да биде достапен во 4K формат. Во зависност од конкретната конфигурација, можно е да биде потребна и инсталација на додатокот за видео HEVC од Microsoft.
Покрај софтверските услови, платформата наложува и конкретни хардверски спецификации за непречено репродуцирање на високата резолуција. Поддржани се графичките картички Nvidia GeForce GTX 1050 или понови, AMD Radeon RX 400 серијата или понови модели, како и компатибилни процесори од Intel и AMD. Екранот на кој се следи содржината мора да биде 4K со стапка на освежување од 60 херци, додека надворешните монитори задолжително треба да поддржуваат HDCP 2.2 заштита од копирање.
Или кратко кажано, се што досега беше потребно за да се гледа Netflix во 4К преку Microsoft Edge, останува како услов и за Google Chrome.
Промената во поддршката за висока резолуција се однесува исклучиво за Windows. За корисниците на macOS, Google Chrome сè уште е ограничен на максимална резолуција од 1080p, што значи дека Safari останува единствениот прелистувач преку кој може да се следи 4K содржина од Netflix на компатибилните уреди со macOS.
Со оваа новина, корисниците на Windows кои плаќаат за највисокиот пакет на услугата повеќе немаат потреба да менуваат прелистувач само за да го добијат очекуваниот квалитет на сликата.










































