Фото: Zulfugar Karimov / Unsplash

YouTube најави промена во системот за броење на јавните прегледи која ќе се применува за сите видео формати на платформата. Почнувајќи од 24 август 2026 година, еден преглед ќе се регистрира во моментот кога видеото ќе започне да се репродуцира, односно од самиот прв кадар. 

Овој стандард се воведува глобално и има за цел да го изедначи броењето со системот што минатата година беше имплементиран за Shorts видеата.

Според објавата од компанијата, целта на оваа промена е да се елиминира досегашната конфузија со различните метрики и да им се овозможи на креаторите попрецизна слика за нивната вистинска изложеност пред публиката. 

Поради новиот начин на мерење, сопствениците на каналите веројатно ќе забележат побрз раст на вкупниот број прегледи. За оние кои сакаат да следат колку долго публиката ги гледа видеата, оригиналната метрика ќе остане достапна во напредниот режим на аналитиката под името ангажирани прегледи.

Сепак, оваа промена нема да влијае врз заработката на креаторите ниту врз условите за нивна квалификација во партнерската програма на YouTube

Приходите и понатаму ќе се пресметуваат исклучиво врз основа на ангажираните прегледи и часовите на гледање. Единствената измена кај правилата за монетизација е во терминологијата, па така досегашните важечки јавни прегледи во иднина ќе се нарекуваат квалификувани прегледи. 

Ова усогласување треба да им помогне на креаторите полесно да ја презентираат својата реална вредност пред брендовите и спонзорите.