Ice Universe повторно има нешто да каже за Apple и овој пат темата е особено интересна. Според него, следната генерација на екран за iPhone може да користи технологија која компанијата ќе ја нарече „Liquid Glass Display”.
Сепак, се истакнува дека не станува збор за заоблен екран какви што Samsung, Huawei и Xiaomi ги пласираа со години.
Заоблените екрани на Android телефоните имаа до некаде проблем, кој се истакнуваше како изобличувања на работ, случајни допири и одраз на светлина под чудни агли.
Apple со години го избегнуваше ова решение, дури и кога беше моден тренд. Сега, ако веруваме на Ice Universe, компанијата ја „решава” истата визуелна задача, но на сосема поинаков начин.
Самото заоблување, пишува тој, би можело да биде „екстремно суптилно”. Вистинскиот визуелен ефект би доаѓал од софистицирана комбинација на оптичка рефракција, структури за насочување на светлината и внимателно дизајнирана визуелна илузија.
Тоа значи дека рамката околу екранот речиси би исчезнала од погледот, додека гледањето од страна би останало природно и неизобличено.
Тоа е суштинската разлика, па наместо физички да го виткаат стаклото, Apple би манипулирале со тоа како светлината патува низ него.
Поголемата приказна, сепак, е во името. „Liquid Glass” не е случаен маркетиншки термин. Apple веќе го воведе истиот концепт како главен дизајн стил во iOS 26, со полупрозирни елементи кои реагираат на содржината под нив.
Ако оваа објава е точна, компанијата подготвува хардвер кој физички ја отелотворува истата идеја што во моментов постои само во софтверот, а тоа е нешто што не е првпат да се најавува.
Тоа би била прва вистинска синхронизација на визуелниот јазик помеѓу екранот и оперативниот систем, нешто што индустријата ретко го постигнува.
Дополнително, ваков пристап би бил типичен за Apple, кои чекаат додека другите грешат со одредена технологија, па потоа нудат сосема ново решение за истиот проблем.
Не е познато кога точно би се појавил ваков екран, а сите досегашни гласини на оваа тема го најавуваат за идната година.











































