OpenAI наводно подготвува влез на пазарот за паметни телефони, со што директно ќе им конкурира на етаблираните производители на мобилни уреди.
Според извештајот на аналитичарот од синџирот на снабдување Минг-Чи Куо, креаторот на ChatGPT прави забележителен пресврт во својата досегашна стратегија и веќе работи на развој на сопствен телефон.
Примарната цел на овој потег е создавање хардвер кој ќе биде изворно оптимизиран за континуирано користење на вештачка интелигенција.
За реализација на проектот, OpenAI соработува со веќе докажани имиња од индустријата за чипови и производството. Компаниите MediaTek и Qualcomm се наведени како партнери за развој на чиповите, додека Luxshare ќе биде ексклузивен партнер за системски дизајн и масовно производство.
Според моменталните проценки, техничките спецификации на уредот треба да бидат финализирани кон крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, а сериското производство се очекува да започне во текот на 2028 година.
Суштината на новиот уред е промената во начинот на кој корисниците ќе комуницираат со оперативниот систем. Наместо традиционалниот концепт со отворање поединечни апликации, корисничкиот интерфејс ќе биде базиран на агенти со вештачка интелигенција кои ќе го разбираат контекстот и ќе извршуваат комплексни задачи во позадина.
Во неговата објава, Куо прикажува и концепт слика за тоа како би можел да изгледа корисничкиот интерфејс во споредба со сегашните класични смартфони.
Анализите на Куо укажуваат дека единствениот начин за компанијата да понуди вакво функционално искуство е преку целосна контрола врз хардверот и софтверот, бидејќи паметниот телефон најпрецизно ја доловува состојбата и потребите на корисникот во реално време.
Оваа информација доаѓа како надоврзување на претходните најави за хардверските амбиции на OpenAI и нивната соработка со поранешниот главен дизајнер на Apple, Џони Ајв.
Уредот на којшто работат OpenAI и Џони Ајв беше најавувано дека не е смартфон, па ќе биде интересно да видиме што се случува со тој производ и од каде сега излегуваат овие информации за промена на плановите.
Во прилог на ова одат и неодамнешната изјава на извршниот директор Сем Алтман, кој истакна дека е вистинско време за сериозно преиспитување на дизајнот на оперативните системи.
Со развојот на сопствен екосистем, компанијата очигледно планира да ја намали зависноста од туѓи платформи и да го промени начинот на кој ги користиме мобилните технологии.










































