Фото: Daniel Romero на Unsplash

Windows 11 во блиска иднина ќе добие нова опција која ќе им овозможи на корисниците рачно да управуваат со обединетата меморија наменета за графички задачи и процесите поврзани со вештачка интелигенција. 

Оваа опција е наменета првенствено за компјутерите кои користат обединета меморија, концепт каде една системска меморија со висок проток се споделува помеѓу централниот процесор, графичкиот чип и другите „акцелератори“, наместо стандарднота физичка поделба на посебни модули за меморија наменети за конкретна намена.  

Овој вид на меморија стана популарен кај М серијата на чипови кои Apple почна ексклузивно да ги користи кај нивните компјутери од 2020 година. 

Со прилагодувањето на овие параметри, корисниците ќе можат да ослободат повеќе работна меморија за секојдневните апликации или пак, да резервираат значително поголем дел исклучиво за извршување на локални модели за вештачка интелигенција и интензивни видеоигри.

Новата опција, која внатрешно се води под името „IntelligentCarveout“ со, е откриена во тест верзијата 29648.1000 на Windows 11 објавена на 17 август. Нејзиното постоење првично е забележано преку интерни документи на компанијата NVIDIA, а подоцна потврдено и во кодот на самиот оперативен систем каде се пронајдени специфични текстуални делови. 

Овие описи јасно укажуваат дека резервираната меморија за графичкиот процесор и вештачка интелигенција целосно се изолира и станува недостапна за останатите апликации. Според досегашните информации, се очекува оваа функционалност да биде сместена во рамки на напредните системски прилагодувања на оперативниот систем.

Промената е особено значајна за хардверските платформи како што се AMD Ryzen AI Max и NVIDIA RTX Spark, кои доаѓаат со поддршка за споделување до 128 гигабајти меморија.