LG Rollable требаше да биде конкуренција на уредите како Galaxy Z Fold, кој на пазарот ќе донесеше алтернативен пристап без еден од главните проблеми на уредите на преклоп. Наместо да се превиткува, LG Rollable функционираше со екран кој се намотува, а со тоа се избегнуваше и место каде се појавува линија поради превиткувањето.
Овој телефон беше само најавен во 2021 година во рамките на CES, а неколку месеци подоцна LG објави дека излегува од пазарот на смартфони, па Rollable уредот никогаш и не доби шанса.
Овој уред поради некоја причина оваа година повторно добива внимание, а изгледа поради тоа што дел од произведените примероци успеваат да дојдат до познатите „јутјубери“.
По објавата на видео за LG Rollable од страна на JerryRigEverything, сега видео објави и уште попознатиот Маркез Браунли. Видеото од Браунли е и поинтересно поради тоа што тој има празличен пристап на тестирање, за разлика од JRE кои ја тестираат издржливоста и можноста за поправка на уредите.
По воведот во кој ги опишува последните интересни уреди од LG, како и можната причина за излегувањето од пазарот, Браунли го прикажува Rollable уредот.
Во видеото може да се видат сите аспекти од овој телефон и каков би бил за користење. Истото не е многу долго и можете да го погледнете во продолжение.











































