Brave официјално го претстави својот нов јазичен модел наречен Brave Ocelot, кој е специјално оптимизиран за сумирање на веб страни. Овој модел сега е дел од ВИ помошникот од компанијата Leo и е дизајниран да им овозможи на корисниците брз и прецизен увид во содржината на долгите текстови.
Со воведувањето на Ocelot, Brave го заменува користењето на надворешни модели за оваа специфична задача, нудејќи решение кое е побрзо и поефикасно за секојдневно користење во рамките на прелистувачот.
Техничката основа на Ocelot се потпира на сопствен сет на алатки за собирање и обработка на податоци, што му овозможува на моделот да биде значително покомпактен во споредба со останатите решенија достапни на пазарот.
Според Brave, Ocelot овозможува сумирање на содржината побрзо од доста поголемите јазични модели, а со исто ниво на квалитет.
Наместо да се потпира на масивна и тешка инфраструктура, овој модел е трениран да препознава клучни поенти и да креира концизни извештаи со минимално оптоварување на системските ресурси.
Ова е особено значајно за корисниците на мобилните верзии на прелистувачот, вклучувајќи ги и сопствениците на уреди на преклоп, каде што оптимизацијата на перформансите е клучна за флуидно и ефикасно корисничко искуство.
Приватноста на корисниците останува централен сегмент и при оваа технолошка надградба. Моделот е хостиран на серверите од Brave, а со тоа од компанијата ја гарантираат приватноста на корисниците.
Дополнително, Brave истакнува дека Ocelot доаѓа со подобрена безбедност кога е во прашање заштитата од скриени малициозни делови на веб страните кои се тука да ги „искористат“ јазичните модели.
Моделот е со отворен код и истиот е достапен и преку GitHub.









































