Instagram почна да го тестира Features, нов формат за хоризонтални видеа долги до 90 минути, наменет за водители на поткасти, комичари и други креатори на подолга содржина. Тестот почна во понеделник, 26 октомври, со избрани креатори во САД, а го најавија шефот на Instagram, Адам Мосери и потпретседателката за производи, Теса Лајонс, во заедничко видео.
Повеќе детали Лајонс даде во разговор за The Hollywood Reporter.
Креаторите ќе можат своите Reels да ги поврзат со целото видео кое го имаат снимено. Тоа значи дека кога ќе наидете на исечок од поткаст, со еден допир можете да продолжите со гледање или да ја пуштите целата епизода, без да излезете од Instagram. Според The Hollywood Reporter, долгите видеа ќе се препорачуваат и во делот Explore и на други места во апликацијата.
Instagram форматот веќе го тестирале во Бразил, а планираат да го прошири на десетици илјади корисници во САД. Лајонс вели дека компанијата работи на „неколку различни договори“ со првите креатори, но засега без ексклузивност, за разлика од договорите што Netflix ги склучува за поткасти.
Постојните рекламни договори на креаторите ќе важат и за новите видеа, а Instagram ќе им помага да најдат спонзори и на оние што немаат такви договори. Сепак, тука е еден од предизвиците. YouTube на квалификуваните креатори им дава 55% од приходот од реклами, а не е познато дали Instagram ќе понуди сличен удел за Features.
Features засега е само на мобилната апликација, но целта е гледањето да се пренесе и на Instagram за телевизори, кој деновиве стигна и на Apple TV. „Мислиме дека најдоброто искуство за гледање долги хоризонтални видеа е на голем, хоризонтален екран“, изјави Лајонс.
Ова не е прв обид на Instagram да му конкурира на YouTube. Во 2018 година го претстави IGTV за подолги вертикални видеа, достапен во Instagram и како посебна апликација, која беше угасена во 2022 година. Мосери во видеото изјави дека долго време бил против долги видеа на Instagram, а според Engadget рекол и дека на компанијата ќе ѝ треба време ова да го направи како што треба.
Овојпат Instagram долгите видеа директно ги поврзува со Reels, каде веќе се наоѓаат исечоците од поткастите, што изгледа е подобра појдовна точка отколку IGTV.
Не е познато кога Features би стигнал во други земји, вклучително и кај нас.





































