Фото: Meta

Meta официјално го претстави Meta One, нов претплатнички сервис наменет за корисниците на Instagram, Facebook, WhatsApp и Meta AI. Овој сервис е дизајниран да понуди дополнителни можности за индивидуалните корисници, но и креаторите и бизнисите, преку пристап до повеќе од 50 нови функции. 

Од компанијата истакнуваат дека основните верзии на нивните апликации, како и стандардното користење на вештачката интелигенција, ќе продолжат да бидат бесплатни за сите корисници, додека претплатата е наменета исклучиво за оние кои имаат потреба од понапредни алатки и поголем капацитет за обработка.

За индивидуалните корисници, Meta веќе нуди поединечни пакети за секоја апликација одделно, како Instagram Plus, Facebook Plus и WhatsApp Plus, кои вклучуваат опции како персонализирани фонтови, уникатни икони за апликациите, известувања за прегледи на „приказните“ и слично.

Корисниците кои сакаат повеќе функции можат да изберат од новите збирни пакети, кои ги вклучуваат сите мрежи од Meta, а не поединечно, како што се Core и Premium. 

Овие пакети овозможуваат поинтензивно користење на алатките за вештачка интелигенција, вклучувајќи генерирање на видеа и уредување слики преку новите модели Muse, како и напредни опции преку алатката Restyle. 

Фото: Meta

Покрај пакетите за индивидуалци, сервисот вклучува и специјализирани решенија за бизниси и професионални креатори кои сакаат да го прошират своето дигитално присуство. Основниот бизнис пакет, наречен Essential, нуди алатки како значка за верификација, заштита од лажно претставување и континуиран пристап до деловниот агент на Meta преку WhatsApp. 

Понапредните пакети додаваат можности за закажување објави до триесет дена однапред, поставување линкови во обични објави, како и детална аналитика и пристап за повеќе членови на тимот преку иста сметка.

Цените на новите претплати варираат во зависност од избраниот пакет. Поединечните претплати за апликациите чинат 2,99 долари месечно за WhatsApp Plus, односно 3,99 долари за Instagram и Facebook. Збирните пакети за индивидуални корисници започнуваат од 7,99 долари за пакетот Core, додека пакетот Premium чини 19,99 долари. 

Бизнис пакетите стартуваат од 14,99 долари месечно за основниот модел, а напредните решенија достигнуваат до 499 долари месечно за пакетот Max, кој е наменет за тимови кои управуваат со профили од голем обем. 

Според објавата од Meta, сервисот постепено станува достапен на глобално ниво.