Meta го претстави „Your algorithm“ за Facebook, посебен дел каде корисниците можат сами да додаваат и да уредуваат теми што сакаат да ги гледаат во новостите („Feed“) и во Reels. До алатката се стигнува преку менито со три точки, кое според компанијата е ажурирано кај секоја објава за полесен пристап до новите опции.
Дополнително, по притискање на „Interested“ или „Not interested“ кај некоја објава, Facebook може да постави дополнителни прашања за тоа што точно му се допаднало или не му се допаднало на корисникот. Одговорот се пишува со свои зборови, а според Meta препораките се ажурираат веднаш.
Ова е можно поради јазичните модели. Meta наведува дека нејзините системи за рангирање досега го погодувале интересот на корисникот од илјадници сигнали, како објавите што ги „лајкува“ и коментира или видеата што ги гледа. Сега јазичните модели треба да ги разберат интересите, контекстот и намерата зад напишаното, па препораките, според компанијата, се прилагодуваат уште во истата сесија.
Facebook всушност ја добива функцијата по Instagram, каде „Your Algorithm“ беше претставена во декември 2025, прво за Reels во САД, со најава дека наскоро ќе стигне глобално на англиски. Во април стигна и до Explore, а од јуни работи и во главните новости, според Instagram глобално, но само на англиски јазик.
Meta не кажа во кои земји и на кои јазици е достапна новата алатка на Facebook, туку само дека постепено се воведува. Поради ова не е познато дали и кога ќе стигне кај нас, а ако се следи патот на Instagram, веројатно прво ќе биде на англиски.
Вакво нешто изгледа како добредојдена контрола, особено за мрежа која последниве години се оддалечи од објавите на пријателите во корист на препорачана содржина. Сепак, останува да се види колку напишаните желби ќе тежат наспроти сите други сигнали што ги собира Meta, вклучително и разговорите со Meta AI, кои компанијата минатата година најави дека ќе ги користи за прилагодување на содржината.



































