Фото: Brett Jordan на Unsplash

Минатата недела OpenAI објави дека нивниот ChatGPT сега може да се „интегрира“ во Messages апликацијата од Apple на macOS, а со тоа да добие и целосен пристап до сите разговори на корисникот. 

Интеграцијата доаѓа преку додаток кој може да се најде преку „Pugins > Public“, односно делот за додатоци во ChatGPT апликацијата, по што вештачката интелигенција од OpenAI добива можност да ги чита пораките, да пишува пораки и повеќе. 

Засега, овој додаток им е достапен на ChatGPT Work и Codex корисниците, што до некаде е очекувано, односно функцијата е замислена за професионална употреба. 

Како примери за што може да се користи ChatGPT во Messages од компанијата ги даваат следните: 

  • Проверка на календарот и одговарање на конкретен контакт со неколку периоди кога корисникот е слободен за вечера следната недела
  • Препорака за тоа на кои пораки од вчера треба да им се испратат одговори
  • Пронаоѓање на родендените од пораките и додавање на истите во календарот
  • Пронаоѓање на потенцијални спам пораки кои може да се избришат

ChatGPT има можност да испраќа пораки, но можноста не е автоматски вклучена, па корисникот мора да ја испрати сам. Додатокот има можност и автоматски да испраќа пораки, но очекувано, од OpenAI не препорачуваат да се користи оваа можност, барем не без претходно размислување. 

Тоа што треба да се земе во предвид, по презентацијата на новата можност, е нејзиниот ефект врз приватноста. Messages апликацијата функционира одамна со шифрирање на пораките, а истите не им се достапни дури и на Apple доколку корисникот ја вклучи „Advanced Data Protection“ функцијата. 

Со давањето на целосен пристап до пораките на трета компанија, која работи со вештачка интелигенција, според некои прави ситуација да властите веќе нема потреба да ги притискаат Apple за пристап до податоците, OpenAI тоа го прават едноставно. 

Кратко кажано, колку и да делува корисна една ваква можност, сепак не се препорачува да се користи.