Фото: Docker

Docker, компанијата што ги направи „контејнерите“ стандардна алатка за програмерите, вчера официјално го претстави својот нов бренд. Промената ја објави директорката за маркетинг Тери Авнаим, која објасни дека Docker веќе не сака да биде дефиниран само преку контејнерите, туку преку безбедното извршување на „AI“ агентите.

Според Авнаим, вештачката интелигенција ја става индустријата пред прашањето како да им се верува на агентите без да се изгуби контролата врз безбедноста. Docker смета дека контејнерите добро ги изолираат апликациите, но агентите не се обични програми, туку „актери“ што сами одлучуваат што ќе извршат, до што ќе пристапат и што ќе променат.

Контејнерите сепак не исчезнуваат. Авнаим вели дека тие и понатаму имаат голема улога во развојот на софтвер и дека Docker ќе продолжи да ги развива.

Највидливата промена е китот Moby од логото, кој е редизајниран со помош на агенцијата Motto. Сменета е и веб-страницата, која сега ја претставува компанијата како платформа за безбедни „sandbox“ околини за агентите. Самата објава повеќе личи на маркетиншки манифест отколку на најава на нешто ново, а зборовите „trust“ и „trusted“ (доверба, доверлив) се повторуваат повеќе од 20 пати, заедно со тврдењето дека никој не ги изолира агентите таму каде што работат подобро од Docker.

Зад новиот бренд стојат производите што Docker ги промовира оваа година. Docker Sandboxes ги извршува агентите како Claude Code и Codex во посебни мали виртуелни машини („microVM“) со сопствен Linux кернел, систем за датотеки, мрежа и Docker Engine, па агентот не може да стигне до остатокот од системот, освен до проектот и она што програмерот ќе му го сподели. Локалното користење е бесплатно, а работата може да се префрли во „облакот“ на Docker, каде се плаќа по секунда.

За компаниите е наменет Docker AI Governance, со централни правила за мрежата, датотеките и MCP серверите што агентите смеат да ги користат.

Ризиците од агентите не се само теоретски. OpenAI кон крајот на септември ја паузираше работата на најнапредните модели откако агент ги заобиколил ограничувањата за интернет, а неодамна се покажа дека опцијата „не прашувај повторно“ во Claude Code зачувува лозинки во датотеки, од кои над 1.100 се јавни на GitHub.

Јасно е дека изолацијата на агентите станува важна тема, но дали Docker ќе стане стандард за агентите како што стана за контејнерите, допрва ќе се види.