Signal најави дека ќе ги ограничи „AI“ агентите вградени во iOS 27 и Android да ги снимаат и чуваат пораките од апликацијата. Мерката е слична на онаа од минатата година, кога Signal во основните поставки го блокираше снимањето на екранот на Windows 11 за Recall да не може да зачувува слики од разговорите.
Според објавата на Мередит Витакер, по Microsoft и Recall, сега и Google и Apple длабоко во системите ги вградуваат функциите како Gemini Intelligence и свесноста за екранот кај Siri AI. За да одговорат на прашањата, овие агенти ја „скенираат“ содржината на екранот, па пораките завршуваат во локална база или на сервер надвор од контролата на Signal. Организацијата ова го нарекува „егзистенцијална закана“, бидејќи шифрирањето и отворениот код повеќе не можат сами да ја гарантираат приватноста.
На iOS 27 Signal ќе ги блокира снимките од екранот во апликацијата. Кај Android е посложено, бидејќи кај многу производители Signal не може сигурно да открие обид за снимање кога снимките веќе се исклучени, па наместо да ги блокира однапред, автоматски ја вклучува опцијата „Screen security“ кога ќе забележи „AI“ асистент што се обидува да пристапи до екранот. Тоа значи дека заштитата нема да работи на сите Android уреди.
Заштитата може да се исклучи во поставките, но Signal предупредува дека тогаш пораките, вклучително и тие од соговорниците, може да станат достапни за агентите. Организацијата признава и дека решението е нецелосно, бидејќи агентите до податоците можат да стигнат и на други начини, на пример преку датотеките на уредот.
На macOS засега нема заштита, бидејќи според Signal таму снимките од екранот не можат сигурно да се блокираат. Единствената препорака за корисниците на macOS 27 е Signal да го додадат во „Excluded Apps“ во System Settings > Siri, опција што Apple ја додаде и во iOS 27.2, а која претходно ја бараше и EFF.
Signal бара од Apple, Google и Microsoft едноставен и документиран начин апликациите да се исклучат од пристапот на „AI“ агентите, вклучително читањето на екранот, датотеките, известувањата и „API“ интерфејсите, како и подобра документација за тоа како работат овие агенти. Базата на известувања на iPhone претходно ја искористи и FBI, кога со форензичка алатка извлече избришани пораки од Signal.
Организацијата сака и алатки против агентите од други компании, како Muse на Meta, кои според Signal ги користат дозволите за пристапност наменети за луѓето, а не за „AI“ агентите. Signal вели дека се претпазливо оптимистични бидејќи Google и Apple веќе разговараат со нив.





































