Фото: Zulfugar Karimov на Unsplash

Mozilla најави дека нивниот интернет прелистувач, Firefox, ќе премине на побрз распоред на издавање нови верзии, следејќи го неодамнешниот пример на конкурентите Google Chrome и Microsoft Edge. Според новиот план, корисниците на десктоп компјутери и Android уреди ќе добиваат по две ажурирања секој месец. 

Оваа транзиција кон двонеделен циклус е предвидено да започне во септември 2026 година, со што целосно се менува досегашниот календар на издавање кој компанијата го користеше.

Директорот на инженерство во Mozilla, Силвестер Ледру, официјално ја потврди оваа промена, нагласувајќи дека забрзаното темпо на издавање засега се третира како експеримент. Компанијата планира внимателно да го следи процесот и остава отворена можност за промена на насоката доколку се појават неочекувани проблеми. 

Според ревидираниот календар на Mozilla, последната верзија која ќе биде објавена според стариот месечен циклус ќе биде Firefox 154, закажана за 18 август. Веднаш по неа, прелистувачот Firefox 155 ќе биде пуштен во употреба на 1 септември.

Главната цел на новиот систем е да им овозможи на програмерите почесто да испорачуваат нови функционалности и промени до крајните корисници. Ледру појаснува дека со овој пристап, самиот процес на издавање треба да стане многу попредвидлив, со помалку административни и технички пречки кои би ги одложиле плановите за дистрибуција на софтверот. 

Истовремено, тој посочува дека од тимовите нема да се очекува да работат двојно побрзо. Сите функции кои не се целосно подготвени за јавна употреба ќе продолжат да се развиваат и тестираат дополнително, наместо да бидат предвремено интегрирани во јавните верзии.

Се очекува дека и за оваа одлука Mozilla ќе добијат доста критики, а посебно кога повторно се работи за потег кој е директно поврзан со следење на главниот на пазарот, Google Chrome. 

Претходна статијаАЕТМ: Е-трговијата во Македонија со двоцифрен раст
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.