Фото: АЕТМ

Вредност на реализирани онлајн трансакции

Според најновите податоци на НБРМ за трансакции на места на продажба за е-трговија (без трансакциите со електронски пари), во првиот квартал од 2026 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 16.355,96 милиони денари, односно 265,95 милиони евра, што претставува раст од 18,1% во однос на истиот период минатата година. Во оваа вредност се вклучени онлајн купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, како и купувањата на странски потрошувачи кај македонските е-трговци.

При тоа, во првиот квартал од 2026 година, кон македонските е-трговци биле реализирани онлајн трансакции во вредност од 9.608,64 милиони денари, односно 156,24 милиони евра, што претставува раст од 16,5% во однос на истиот период минатата година. Од оваа сума, домашните иматели на платежни картички реализирале трансакции во вредност од 8.617,27 милиони денари (140,12 милиони евра), што е 15% повеќе во однос на истиот период лани, додека странските иматели на платежни картички реализирале онлајн трансакции кон македонските е-трговци во вредност од 991,37 милиони денари, односно 16.2 милиони евра, што претставува раст од 32,5%. Овој тренд покажува дека домашните е-продавници сè повеќе успеваат да привлечат и купувачи од странство.

Од друга страна, македонските потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски е-продавници, при што во првиот квартал реализирале онлајн трансакции во вредност од 6.747,31 милиони денари, односно 109,71 милиони евра, што претставува раст од 20,3% во однос на истиот период минатата година.

Фото: АЕТМ
Извор: НБРМ

Број на реализирани онлајн трансакции 

Покрај растот на вредноста, продолжува да расте и бројот на онлајн купувања. Во првиот квартал од 2026 година биле реализирани 7.662,7 илјади онлајн трансакции, што претставува раст од 16,4% во однос на истиот период минатата година.

Притоа, кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции изнесува 3.966,7 илјади и е за 17,5% повеќе во однос на истиот период лани. 

Најголем пораст на бројот на направените е-трансакции од 44,4% е забележан од странски иматели на платежни картички кон домашни е-трговци, што дополнително го потврдува зголемениот интерес на странските купувачи за македонските онлајн продавници.

Во меѓувреме, домашните иматели на платежни картички кон странски е-трговци реализирале 3270,6 трансакции, што претставува раст од 12,2%.

Фото: АЕТМ
Извор: НБРМ

„Податоците за првиот квартал од 2026 година потврдуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува стабилно да расте. Двоцифрениот раст и на вредноста и на бројот на онлајн трансакции покажува дека дигиталното купување станува сѐ повообичаен избор за потрошувачите. Особено охрабрува фактот што расте купувањето кај домашните е-трговци, како од домашните, така и од странските купувачи. Растот од над 32% во вредност и над 44% во број на трансакции од странски картички кон домашни е-трговци е показател дека македонските компании стануваат поконкурентни и надвор од домашниот пазар. Во исто време, анализата покажува дека просечната вредност на трансакциите кај домашните е-продавници благо се намалува, што укажува дека потрошувачите купуваат почесто. Тоа е позитивен сигнал дека онлајн купувањето станува дел од секојдневните навики, а не само канал за повремени или поголеми набавки. Дополнително, позитивен сигнал е што во текот на првото тромесечје се регистрирани 59 новоотворени онлајн продажни места. Тоа покажува дека сѐ повеќе компании ја препознаваат е-трговијата како можност за раст и инвестираат во сопствено дигитално присуство, со што се збогатува понудата за домашните потрошувачи и се создаваат подобри услови за понатамошен развој на секторот. Овие резултати се дополнителен поттик да продолжиме да работиме на подобрување на условите за е-трговија, зголемување на довербата во дигиталните плаќања, поддршка на домашните компании и создавање поконкурентен дигитален пазар.” – вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.

Просечна вредност на трансакција

Иако вкупната вредност на онлајн купувањата продолжува да расте, анализата покажува дека просечната вредност на една трансакција кај домашните е-продавници благо се намалува.  

Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се намалила од 36 на 35,3 евра односно за 2,2%. Овој тренд е во согласност со фактот дека бројот на трансакции (кој бележи раст од 17,5%) расте побрзо од нивната вкупна вредност ( која бележи раст од 15%), што укажува дека македонските потрошувачи трошат помалку по трансакција кај домашните продавници. Кај странските картички кон домашните е-трговци, просечната вредност се намалила од 41,3 на 37,9 евра (што представува намалување од 8,2%), што исто така укажува дека странските купувачи реализираат повеќе поединечни купувања.

Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност пораснала од 31,3 на 33,6 евра, што претставува пораст од 7,3%. 

Вкупно, просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала 34,7 евра, што претставува раст од 1,5% во однос на истиот период минатата година.

Фото: АЕТМ
Извор: НБРМ

Нови отворени е-продавници 

Во текот на првото тромесечје од 2026 година, регистрирани се 59 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот. 

Овој тренд упатува на сѐ поголема свесност кај трговците за потребата од присуство на интернет пазарот, како и на поволни услови за развој на онлајн продажбата.

Инаку, Асоцијацијата за е-трговија останува посветена на континуирано информирање и едукација на пазарот, преку подготовка на релевантни анализи и организирање на настани кои го поттикнуваат развојот на е-трговијата во регионот. Во таа насока, годишната регионална анализа за состојбата на е-трговијата претставува значаен извор на податоци за сите засегнати страни, додека 9-тата регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување. Повеќе информации за конференцијата се достапни на следниот линк: https://ecommerceconference.mk/