Google вчера објави повеќе новини за Google Play, а најинтересната е за оние кои не се програмери, а сега „можат да бидат“. Продавницата сега може да ги стартува и апликациите што корисниците сами ќе си ги направат со вештачка интелигенција.
Апликацијата се прави во Google AI Studio, каде што со зборови се опишува што треба да прави, односно таканареченото „vibe coding“. Ваквите лични апликации сега преку Google Play може да се инсталираат на сопствениот уред, а според Google тие остануваат приватни и одвоени од јавниот каталог на продавницата. За тоа е доволна обична Google сметка, без програмерска сметка.
Досега AI Studio нудеше две опции за Android апликациите директно од алатката: инсталирање преку USB кабел со вклучени опции за програмери или објава за тестирање преку програмерска сметка на Google Play, за која се плаќаат еднократни 25 долари. Тоа значи дека за почетниците новата опција ја отстранува барем потребата од платена програмерска сметка.
Функцијата почнува постепено да стига од вчера, засега само во одредени земји, меѓу кои и САД и само за корисниците над 18 години. Google не наведе други земји, па не е познато кога и дали ќе стигне кај нас.
Во наредните месеци апликациите ќе може да се споделуваат со тесен круг пријатели и семејството. Ако некој подоцна сака апликацијата да ја понуди на сите, Google Play ќе овозможи премин кон професионална програмерска сметка, а тогаш апликацијата ќе ги помине истите безбедносни проверки и стандарди за квалитет како и сите други.
Ова доаѓа во период кога Google воведува задолжителна верификација на програмерите и за апликациите надвор од Play Store, а за студентите и хобистите најави бесплатни сметки за споделување на најмногу 20 уреди. Изгледа дека Google сака на почетниците да им понуди полесен пат во рамки на Play продавницата, наместо надвор од неа.
Останатите новини се главно за откривање содржина. Ask Play од вчера може да прави споредба меѓу апликации со клучните разлики и мислењата на корисниците, а Play in Gemini „наскоро“ ќе почне да стига до сите корисници на Gemini. Новиот Game Finder препорачува игри според анализата на тоа како играте и преференциите што сами ги внесувате, т.н. „Gamer DNA“, но засега е достапен само на англиски јазик за корисниците во САД.
За играчите од вчера постепено на сите пазари стигнуваат Sprints, 48-часовни натпревари за групи од два до пет играчи, а на Googlebook Play Store во преден план ги става апликациите прилагодени за големи екрани.
Родителите преку Family Link сега можат на апликациите да им го споделат возрасниот опсег на детето или својот, а според Google апликациите така добиваат најмалку потребни информации за содржина соодветна на возраста.



































