Фото: Mozilla

Mozilla го претстави Firefox Enterprise, верзија на нивниот прелистувач наменета за организации со строги барања за безбедност, управување и усогласеност со прописите. Тој го комбинира прелистувачот со конзола за управување што организациите можат да ја стартуваат на сопствената инфраструктура.

Преку конзолата IT тимовите централно ги управуваат правилата и пристапот во прелистувачот, контролираат како податоците се движат низ него и поставуваат ограничувања за користењето на вештачката интелигенција. На страницата на производот Mozilla наведува дека ВИ алатките може да се дозволат, ограничат или целосно исклучат. Обичниот Firefox веќе им дава на корисниците можност сами да ги блокираат ВИ функциите, а Enterprise тоа го носи на ниво на целата организација.

Дополнително, има заштита што предупредува или блокира активности со чувствителни податоци според доменот, режим „Lockdown Mode“ за ризично прелистување, контрола врз додатоците и врз надворешните поврзувања и „telemetry“ податоците на прелистувачот. Според Mozilla, производот не ги заменува постојните системи за најава, SIEM и MDM, туку работи заедно со нив.

Фото: Mozilla

Компанијата производот го поставува во контекст на европската дебата за дигитален суверенитет, каде владите и регулираните индустрии ја преиспитуваат зависноста од мал број технолошки компании. Mozilla истакнува дека нејзината Gecko е единствената голема технологија за прелистувачи што се развива независно од Google и Apple. „Ако сите ваши опции се изградени врз иста технологија, ’изборот‘ е лага. Исто и контролата“, вели извршниот директор Антони Ензор-ДеМео.

Цената не е објавена, а заинтересираните треба да контактираат со продажниот тим. Според Mozilla, во Firefox Enterprise е вклучена професионална поддршка, а производот е создаден да им помогне на организациите да ги исполнат барањата на GDPR, NIS2, DORA, ISO 27001 и SOC 2. Прелистувачот е со отворен код, но Mozilla не наведува дали тоа важи и за конзолата.

Достапноста засега е фокусирана на Франција, Германија, Австрија и Швајцарија, а подоцна ќе следат и други пазари. Не е познато кога и дали Firefox Enterprise ќе стигне до Македонија и регионот.

Mozilla соопшти дека го развива и Thunderbird Enterprise, со ист пристап за е-поштата и комуникацијата. Во април MZLA, подружницата на Mozilla Foundation што стои зад Thunderbird, го претстави и Thunderbolt, ВИ клиент што компаниите можат сами да го хостираат.