
Microsoft официјално најави дека од овој месец започнува со постепено отстранување на поддршката за Manifest V2 додатоците во својот интернет прелистувач Edge.
Овој потег претставува реализација на планот зацртан уште во 2020 година, преку кој компанијата се обврза да премине кон поновата Manifest V3 платформа.
Транзицијата кон новата архитектура се спроведува со цел да се обезбеди постабилна основа, која на корисниците ќе им понуди подобрувања во перформансите и нивото на безбедност при сурфањето.
Екосистемот веќе е подготвен за овој чекор, бидејќи 95 проценти од најпопуларните додатоци на платформата се успешно мигрирани, истакнуваат од Microsoft.
Процесот на отстранување на постариот стандард ќе се одвива етапно. Почнувајќи од август, корисниците кои сè уште имаат активни Manifest V2 додатоци ќе почнат да забележуваат известувања на страницата за менаџирање со додатоци во прелистувачот, како и на официјалните страници за преземање на самите продукти. Во периодот што следи, Microsoft етапно ќе започне стандардно да ги деактивира овие додатоци. Корисниците ќе бидат однапред известени за промената и директно ќе бидат насочени кон соодветните Manifest V3 алтернативи кои ги нудат истите функционалности.
Google ја започна оваа промена кај Chrome уште во 2024 година, по неколку одложувања, па корисниците на Edge имаа екстра време за користење на постарите додатоци.
Преминувањето кон Manifest V3 беше дочекано со доста критики, а во главно поради промената на функционирањето на додатоците како uBlock Origin, кои веќе не можат да функционираат детално како со Manifest V2.









































