Opera додаде „eSIM“ за патување во својот прелистувач за Android, па мобилен интернет во странство може да се купи директно од него, без посебна апликација. Компанијата тврди дека е првата што вградила „eSIM“ во прелистувач.
Услугата работи во 47 дестинации, со 5G мрежа таму каде што е достапна, а зад неа стои Holiday.com. Пакетите се од 3GB, 5GB и 10GB и важат 30 дена, но времето почнува да тече дури кога „eSIM“ првпат ќе се поврзе на мрежа во земјата каде патувате, а не при плаќањето. Сепак, тоа мора да се случи најдоцна една година по купувањето, инаку пакетот истекува.
Цените зависат од дестинацијата и количината на податоци, а се прикажуваат во локалната валута. Opera наведува дека пакетите се во просек околу 33% поевтини од тие на други големи понудувачи на „eSIM“, но таа споредба е направена само со шест конкуренти, за пакет од 5GB за 30 дена во САД.
„Роамингот е истиот проблем во поинаква форма: плаќате несразмерно многу за истиот интернет што го имате дома“, вели Тим Лесник, менаџер на производот Opera Mobile.
За користење е потребен телефон со Android 10 или понов, што поддржува „eSIM“ и не е заклучен на еден оператор. Услугата ја има само во Opera за Android, а не во Opera Mini и Opera GX. Пакетите се само за мобилен интернет и не го заменуваат постојаниот телефонски број.
На листата на дестинации се Грција, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Турција, но ги нема Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Според Opera, „eSIM“ може да се купи од секаде во светот, па може да ни биде корисен кога патуваме во соседството.
Opera дополнително нуди 3GB бесплатно, со важност од три дена и без податоци за плаќање, но засега само за корисниците во САД, Велика Британија, Германија, Франција, Канада, ОАЕ, Бразил, Холандија, Норвешка, Шведска и Полска.
Вакво нешто инаку има смисла за Opera, бидејќи „eSIM“ сè уште не е многу позната како функција. Компанијата се повикува на анкета на GSMA Intelligence спроведена кон крајот на 2023 година на седум пазари, според која половина од испитаниците не знаеле дека „eSIM“ постои, а само 19% од тие што знаеле го користеле.
































