Reddit го менува изгледот на почетната страница, па корисниците при отворање на платформата ќе можат да бираат меѓу две листи со новости, „For You“ и „Following“. Новината е објавена во блог објава на компанијата, а постепено ќе се воведува ширум светот во следните неколку недели.
„For You“ ги комбинира објавите од заедниците во кои сте зачленети со препораки поврзани со вашите интереси. Според Reddit, ова треба да помогне да откриете релевантни заедници и разговори до кои инаку можеби не би стигнале. „Following“, пак, прикажува само објави од заедниците во кои веќе членувате.
Меѓу двете листи може да се префрлате во секое време, а при следното отворање Reddit ќе ве врати на онаа што последно сте ја гледале. Во објавата Reddit не наведува која од двете е почетна.
Reddit и досега препорачуваше објави од заедници во кои не сте зачленети, но со новиот изглед тие препораки добиваат своја посебна листа на почетната страница.

Компанијата ова го нарекува „прв чекор“ кон откривање што води до „нешто ново и релевантно, идеја, поврзување, уникатна перспектива или дури и нов интерес“. Дополнително, најавува понатамошни експерименти, како нови начини за движење низ платформата според интересите и повеќе контроли за листата, на пример сокривање објави и означување на содржина што сакате да ја гледате помалку, без конкретен рок.
Со ова Reddit се приклучува на TikTok, Instagram, X, Threads и Facebook, кои веќе имаат слични листи засновани на препораки. Facebook неодамна го воведе и „Your algorithm“, каде корисниците со свои зборови кажуваат што сакаат да гледаат. Ова не е ни прв потег на Reddit инспириран од TikTok, бидејќи во август компанијата почна да тестира аудио и видео верзии од текстуалните објави.
Целта веројатно е корисниците да поминуваат повеќе време на содржина надвор од заедниците што веќе ги следат. Сепак, промената нема да им се допадне на сите. Според TechCrunch, дел од корисниците кои ја виделе новата листса во фазата на тестирање, која според BGR траела од септември, веќе изразија незадоволство на самиот Reddit.
BGR дополнително пишува дека табот „For You“ засега не може да се отстрани, а поставката „Show recommendations in home feed“ не влијае на него. Корисниците пријавуваат и дека во новата листа исчезнало сортирањето „Hot“, а Reddit, според BGR, тестира опции за сортирање, без рок за враќање.
Поради ова, „Following“ засега е најсигурниот начин да се избегнат препораките, а Reddit ја памети последната избрна листа.







































