Фото: DepositPhotos

WinRAR веќе подолго време не се појавуваше на нашите страници, а токму затоа новата верзија 7.23, објавена на 30 јуни, е добра причина да се навратиме на апликацијата која милиони луѓе ја користат секојдневно за архивирање датотеки.

Она што најмногу привлече внимание не беше самата верзија, туку начинот на кој компанијата ја најави на X. „Благодарение на вашите неодамнешни уплати, успеавме да развиеме нова верзија“, напишаа од официјалниот профил, директна алузија на многу познатата шега дека пробниот период на WinRAR технички трае 40 дена, но апликацијата продолжува да работи и без купена лиценца. 

Објавата брзо предизвика бран одговори, а на прашањето колку пари се потребни за верзија 7.24, WinRAR одговораат со GIF од „Doctor Evil“ како бара „еден милион долари“.

Зад шегата сепак стои сериозна работа. Верзијата 7.23 ја затвора пропуст во кодот за реконструкција на „RAR5 recovery volume“ податоци, кој можел да предизвика „heap overflow“ и да влијае на WinRAR, RAR и UnRAR. Дополнително, поправен е и проблем каде симболична врска можела да покаже надвор од дестинациската папка при распакување специјално подготвен архив, што теоретски отворало можност за напад преку други алатки. Ажурирана е и библиотеката за 7z распакување.

Штета што ваквите вести обично поминуваат незабележано, WinRAR постои веќе повеќе од три децении, а и покрај конкуренцијата од бесплатни алтернативи како 7-Zip, сепак остана меѓу првиот избор за многу корисници.