Voyager 1 денеска стигна на еден светлосен ден од Земјата, растојание до кое досега не стигнал ниту еден друг објект направен од човекот. NASA моментот го одбележа на профилот NASA Solar System на X во 5:16 часот по источно американско време, односно во 11:16 часот по наше време, онака како што го најавуваше неколку месеци според пресметките за патеката на леталото.
Светлосниот ден е мерка за растојание, а не за време. Според пресметката на NASA, тоа е патот што светлината го поминува за 24 часа, односно 25,9 милијарди километри. За споредба, до Месечината светлината стига за 1,3 секунди, а од Сонцето до Земјата за нешто повеќе од осум минути.
Тоа значи дека командата што инженерите ќе ја испратат денеска до Voyager 1 ќе стигне дури утре, а одговорот ќе се врати на Земјата по уште еден ден. На самото летало ништо не се менува со оваа граница, па моментот е пред сè симболичен.
Сепак, тој доаѓа во тежок период за мисијата. Voyager 1 во октомври два дена не се јави на закажаните проверки, а во последната објава NASA не ја наведе причината. Енергијата ја има сè помалку, па по исклучувањето на уште еден инструмент во април на леталото работат само два научни инструменти.
Повеќе за состојбата на двете летала веројатно ќе се дознае утре. NASA најави дека во четврток, 19 ноември, во 18 часот по наше време, во JPL ќе има разговор со членови на тимот и раководството на агенцијата за Voyager 1 и Voyager 2 и за предизвиците околу нивното одржување во работа. Ќе биде прикажан и дел од документарецот за мисијата, кој треба да излезе следната година, за 50-годишнината од лансирањето. Разговорот ќе може да се следи и онлајн.
Voyager 1 е лансиран на 5 септември 1977 година, а во меѓуѕвездениот простор влезе во 2012 година. Неговиот близнак Voyager 2, кој патува по друга патека, до еден светлосен ден од Земјата ќе стигне дури во ноември 2035 година.






































