Apple денес ја претстави Apple Home Collection, нова линија додатоци за паметниот дом направени во соработка со LG и Schneider Electric. Во неа има камери за во домот и надвор, видео ѕвонче, брава, два термостати и сензори за температура, кои се продаваат под брендовите на партнерите, но преку продавниците на Apple.
Линијата е претставена заедно со HomeView, HomePod mini 2 и новиот Apple TV 4K. Соработката со LG ја спомнувавме уште во статијата за поканата за настанот, тогаш како гласина.
Сите уреди се поставуваат со допир на iPhone и се управуваат преку апликацијата Home, без посебна апликација или сметка, според Apple. За дел од функциите е потребен HomeView, HomePod или Apple TV како центар на домот.
LG прави четири камери, кои снимаат видео со резолуција до 2.5K и препознаваат луѓе, познати лица, миленици, возила и пакети. Ѕвончето има две камери, предна од 2.5K и долна во Full HD, а камерата за во домот сама се навалува надолу и престанува да снима кога првиот член на домот ќе се врати.
Снимките се чуваат 10 дена во iCloud+, за што е потребна претплата, но не и посебна претплата само за камерите. Сепак, планот од 50GB поддржува само една камера, а оној од 200GB до пет.
Бравата на LG преку „Ultra Wideband“ препознава кога корисникот со iPhone или Apple Watch се приближува и сама ја отклучува вратата. Може да се отклучи и со PIN код или резервен клуч, а основните функции според Apple работат и без интернет.
Термостатите на LG и Schneider Electric сами ја прилагодуваат температурата според тоа дали некој е дома, се подготвува за спиење или е надвор. Префрлањето на греењето и ладењето во поевтини и почисти периоди сепак бара соодветен план кај снабдувачот со струја и работи само во континенталниот дел на САД.
Според Apple, снимките и податоците се шифрирани од-крај-до-крај, па до нив немаат пристап ни партнерите, ни Apple, што веројатно е главниот адут наспроти Ring на Amazon и Nest на Google.
Цените во САД почнуваат од 199,95 долари за камерата за во домот и термостатите, 249,95 за ѕвончето, 299,95 за надворешната камера, 349,95 за бравата и 399,95 долари за камерата со рефлектори, а сензорите чинат по 39,95 долари.
Продажбата почнува во декември, а дел од уредите стигнуваат почетокот на 2027, меѓу кои, според Schneider Electric, и неговите термостат и сензор. Камерите и ѕвончето ќе се продаваат во САД, Канада и Велика Британија, а бравата, термостатите и сензорите само во САД и Канада.
Македонија и земјите од регионот ги нема на листата, а вакви уреди на Apple доста често и не стигнуваат во продажба кај нас.





































