Фото: Nothing

Nothing на X објави нова најава за 8 декември, со пораката „Productivity is brutal“ и слика од мал сив метален уред. На него се гледаат копче „Talk“, копче со црвена точка за снимање и две светла, зелено и црвено.

Компанијата датумот го потврди минатата недела со пораката „Be present. It’s noted.“, но официјално сè уште не кажува што претставува. Основачот и директор Карл Пеи на почетокот на ноември напиша дека првиот производ на Nothing создаден околу вештачката интелигенција ќе се испорачува во декември, дека „нема нов екран“ и дека „не можел да биде апликација“.

Повеќе открива Bloomberg, на кој Пеи им го има покажано уредот пред претставувањето. Според нив, станува збор за слушалки наречени Ear (note), што снимаат и препишуваат разговори. Кутијата за полнење има свои микрофони и може да снима состаноци или предавања во живо, а слушалките ги снимаат телефонските повици.

Снимките, препишаниот текст и кратките резимеа ќе се наоѓаат во придружна апликација. Кутијата има посебно копче за снимање и копче „Talk“, а Nothing планира подоцна корисникот сам да избере што ќе прави „Talk“. Според истиот извештај, компанијата вели дека слушалките ќе работат со повеќе „AI“ агенти, меѓу кои и нејзин систем за гласовни команди, но не кажува со кои други.

Пеи за Bloomberg признава дека снимањето е чувствително прашање. Според него, Nothing се консултирал со правни фирми, добил сертификати за приватност и формирал тим за безбедност на податоците во Лондон.

Пеи во својот текст тврди дека најголемиот проблем на вештачката интелигенција не се моделите, туку тоа што не знаат речиси ништо за денот на корисникот, па уредот го претставува како алатка за работа. Во разговорот со Bloomberg изјавил дека не очекува скоро „iPhone момент“ за вештачката интелигенција кај обичните корисници.

Вакво нешто веќе нудат и други компании. Amazon во октомври ги претстави Bee Frontier и Bee Eclipse, уреди што ги слушаат разговорите и прават резимеа. Разликата е што Nothing снимањето го става во слушалки, производ што многумина веќе го носат секој ден, па прашањето за согласноста на луѓето што се снимаат веројатно ќе биде уште поважно.

Цената засега не е позната, а повеќе детали се очекуваат на 8 декември. Не е познато ни дали и кога Ear (note) ќе стигне кај нас.