Фото: ubeyonroad на Unsplash

Наредниот настан кој Apple традиционално со години веќе го одржува во септември, неофицијално се очекува за 9 септември. Тоа значи дека останува уште малку до настанот кој изгледа ќе предизвика поголемо внимание од претходните неколку. 

Оваа година се очекуваат две новини при презентирањето на новите iPhone модели. Едната е поделбата на телефоните според класата, односно основните модели се очекува да бидат претставени на почетокот од идната година, наместо во септември како обично, што значи дека сега може да се очекуваат само Pro моделите, односно iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max. 

Втората новина на настанот, која ќе го привлече главното внимание е претставувањето на првиот iPhone на преклоп по повеќе од 8 години постоење на ваквите уреди на пазарот. 

Типично за Apple, тие не влегуваат на пазарот додека не можат да понудат нешто доволно квалитетно и развиено, па како што можевме да видиме од конкурентите, јасно станува зошто Apple дури оваа година ќе влезат на овој засега мал пазар. 

Марк Гурман, во неговата најнова неделна објава пишува токму на оваа тема, па тој дури истакнува дека има информации од луѓе кои имале шанса да го тестираат овој телефон. 

Објавата Гурман ја започнува со изјавата дека овој телефон ќе ја врати дел од магијата на Apple по повеќе години, а како и доста други, тој смета дека по претставувањето на првиот iPhone и уште неколку други производи, работите се прилично едноставни. 

Од информациите кои ги има од луѓето кои го користеле iPhone на преклоп, Гурман истакнува дека е доста возбуден. Тие истакнале дека телефонот е доста удобен во џебот, а очекувано остава доста квалитетен впечаток, посебно кај напредниот механизам за преклопување, односно „шарката“. 

Корисничкиот интерфејс на поголемиот екран ќе биде прилагоден и ќе биде доста сличен, односно скоро ист како на iPad, нешто што е очекувано. 

Сепак, телефонот ќе дојде со неколку недостатоци кои сигурно ќе направат дел од корисниците кои би сакале да го купат телефонот, да ја почекаат втората, па може и третата генерација од истиот. 

Телефонот се очекува дека нема да има „телефото“ камера, а исто така наместо Face ID, ќе дојде со Touch ID. Тука е и главниот „недостаток“, а тоа е цената која се очекува да биде над 2.000 долари. 

Гурман ги повторува очекувањата дека влезот на Apple на овој пазар ќе има големо влијание на пазарот, односно зголемување на популарноста и продажбата на уредите на преклоп.