Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше објавените податоци од Народната Банка на Република Македонија, за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот (географска поделба по земји) во 2025, согласно кои може да се забележи дека Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 427,8 милиони евра на онлајн трансакции и направиле 12,4 милиони трансакции, купувајќи производи и услуги најчесто поврзани со патувања (авио-билети и резервации на хотели).
Во однос на 2024 година, Македонците потрошиле 50% повеќе во вредност, додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 69%. Просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на минатата година. При тоа, 74% од вредноста и 83% од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.
Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции во Ирска, во износ од 92,1 милиони евра, со пораст од 173% во однос на минатата година, додека во Холандија е остварена вредност од 62,4 милиони евра и пораст од 49% во однос на минатата година.
Во Ирска е направен и најголем број односно 4,8 милиони е-трансакции од страна на Македонците, а потоа 2,1 милиони во САД, додека најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија скоро 650%, а во Кипар 263%. Пад е забележан во Луксембург на бројот на е-трансакциите од скоро 50% и во Обединетото Кралство од скоро 9%.

Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оствариле во Унгарија од 152,2 евра, иако помалку од лани за 2,1%, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 14,1 евра. Во 2025 година се забележува драсатичен пад на просечната трансакција во Германија од скоро 70% која минатата година беше највисока и изнесуваше 214,2 евра.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков ги коментираше овие податоци и што тие покажуваат.
„Податоците покажуваат дека покрај силниот раст на прекуграничната е-трговија, се случува и значајна промена во структурата на вредноста и бројот на е-трансакции по земји. Оваа промена во голема мера е условена од начинот на кој глобалните дигитални платформи ги организираат своите деловни и платежни операции – односно каде се регистрирани нивните европски седишта или билинг центри. Ирска има најголемо учество и во вредноста и во бројот на трансакции, пред сè зашто таму се лоцирани европските операции на глобални компании како Amazon, Google, Meta и Apple, но дополнително и таму оди наплатата за купувањата од Temu, како и бројни дигитални услуги, апликации и subscription платформи. Веднаш потоа следи Холандија, како значаен е-commerce и логистички хаб во Европа, но и седиште на платформи како Booking.com, што ја објаснува нејзината силна позиција, особено во сегментот на патувања и резервации. И САД имаат значајно учество, што е очекувано имајќи предвид дека таму се седиштата на дел од најголемите глобални платформи како Amazon, eBay, Netflix и други дигитални сервиси. Обединетото Кралство останува важен пазар поради развиената онлајн малопродажба и големиот број е-трговци кои директно продаваат на европските пазари. Од друга страна, растот кај земји како Кипар укажува на зголемената улога на финтек компании и платежни процесори, односно на тоа дека сè поголем дел од трансакциите се процесираат преку меѓународни посредници. Истовремено, промените кај традиционални хабови како Луксембург укажуваат на прераспределба, а не на намалување на трансакциите – односно на диверзификација на корпоративните и платежните структури на глобалните компании. Овие трендови потврдуваат дека географската распределба на онлајн купувањето сè повеќе ја следи структурата на глобалната дигитална економија, каде земјата на евиденција на трансакцијата не мора да ја одразува реалната локација на производот или услугата. За македонските потрошувачи ова значи поголема достапност и избор, но истовремено и зголемен одлив на средства кон странски платформи.“
Асоцијацијата за е-трговија останува посветена на континуирано информирање и едукација на пазарот, преку подготовка на релевантни анализи и организирање на настани кои го поттикнуваат развојот на е-трговијата во регионот. Во таа насока, годишната регионална анализа за состојбата на е-трговијата претставува значаен извор на податоци за сите засегнати страни, додека 9-тата регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување. Повеќе информации за конференцијата се достапни на следниот линк: https://ecommerceconference.mk/.









































