Швајцарската компанија, позната по Proton VPN и Proton Mail, повторно го обвинува Microsoft дека Windows функционира како „spyware”, овој пат потпирајќи се на федерален кривичен случај во САД.
Поводот е апсењето на 19-годишниот Питер Стоукс, наводен член на хакерската група Scattered Spider, обвинет за упад во непознат продавач на луксузен накит во мај 2025 година. Стоукс користел VPN за да ја сокрие својата активност, но според обвинителниот акт, ФБИ дошле до него преку записите на Microsoft поврзани со таканаречениот Global Device Identifier (GDID), идентификатор на ниво на уред кој постои на секоја инсталација на Windows, дури и на виртуелни машини.
GDID им овозможил на истражителите да ја реконструираат историјата на IP-адреси на уредот на Стоукс, а потоа таа историја ја вкрстиле со најави на неговите лични профили на Apple, Snapchat, Facebook и играта Growtopia, со што го поврзале уредот директно со него.
Proton нагласува дека постапката на ФБИ била законска, со судски налози, но проблемот го гледа во тоа што корисниците никогаш не се прашани дали се согласуваат со постоењето на GDID, а не постои ни едноставен начин тој да се отстрани, па дури и целосна реинсталација на Windows создава нов идентификатор, додека старите записи остануваат кај Microsoft.
Според Proton, спомнувањето на GDID во официјалната документација на Microsoft е сведено на еден единствен, тешко забележлив ред во технички прирачник.
Сепак, треба да се напомене дека слични уникатни идентификатори постојат и кај macOS, Android, iOS, па дури и кај Linux, а самиот Proton, како компанија што продава VPN и слични производи, има директен комерцијален интерес во ваквата аргументација.
Целата објава од Proton можете да ја прочитате тука.







































