Уште од февруари оваа година, тимот одговорен за развојот на прелистувачот Firefox активно користи напредни модели на вештачка интелигенција за откривање и поправање на скриени безбедносни пропусти во својот код.
Според нивното искуство споделено во текот на април, по првичната соработка со компанијата Anthropic каде биле користени претходни верзии од јазичните модели од компанијата, тимот применил рана верзија од моделот Claude Mythos Preview.
Оваа евалуација резултирала со откривање на дури 271 безбедносна слабост, кои веќе се поправени во Firefox 150. Ваквите алатки имаат потенцијал значително да ја променат динамиката во одржувањето на софтверската безбедност во директна корист на бранителите.
Досегашната состојба во сајбер безбедноста се карактеризираше со доминација на офанзивата, бидејќи системите за одбрана се обемни и тешки за целосно покривање со стандардните алатки. Автоматизираните методи често оставаат одредени делови недоволно проверени, додека врвните безбедносни истражувачи кои можат да ги пронајдат овие комплексни недостатоци бараат премногу време за анализа на изворниот код.
Согледувањата на Mozilla укажуваат дека Claude Mythos може подеднакво успешно да ги идентификува сите категории и нивоа на сложеност на пропусти кои досега беа ексклузивно во доменот на човечките експерти. Затворањето на овој јаз ја намалува предноста на напаѓачите, правејќи го процесот на откривање грешки драстично поевтин за креаторите на софтвер.
Иако големата бројка на пронајдени слабости за краток период првично може да делува застрашувачки, крајниот резултат е позитивен за корисниците и нивната севкупна дигитална безбедност. Инженерите посочуваат дека досега не забележале пропусти кои елитен човечки експерт не би можел да ги пронајде, со што се отфрлаат стравувањата дека вештачката интелигенција ќе создаде целосно нови и неразбирливи категории на закани.
Сепак, во извештајот се нотира и еден реален ризик за иднината. Доколку развојот на софтверот масовно се препушти на вештачката интелигенција, базите на код би можеле да станат премногу сложени за човечкото разбирање, со што тежината на новите грешки би можела да го надмине капацитетот за нивно навремено откривање од страна на луѓето.







































