Проектот наречен Virtual OS Museum нуди пристап до курирана колекција на над 1700 прединсталирани оперативни системи и самостојни апликации. Оваа архива ја опфаќа историјата на компјутерите од 1948 година, започнувајќи со системот Manchester Baby, па сè до денешните платформи.
За крајните корисници, ова значи можност за лесно стартување на историски софтвер на современи компјутери, без потреба од сложени конфигурации или барање на стари инсталациски медиуми.
Колекцијата се дистрибуира во форма на една Linux виртуелна машина која може да се користи преку софтверите QEMU, VirtualBox или UTM. За полесен пристап, вклучен е сопствен „покренувач“ кој е независен од емулаторот и нуди едноставно стартување за Windows и Linux.
Достапни се две верзии, односно целосна и „полесна“. Целосната верзија ги содржи сите потребни датотеки и може да се користи целосно офлајн, додека помалата верзија не ги вклучува сликите за инсталација однапред, туку автоматски ги презема преку интернет при првото стартување на избраниот оперативен систем.
Сите вклучени оперативни системи и емулатори се веќе инсталирани и конфигурирани. Кога корисникот ќе избере одреден систем, тој се покренува со софтвер од тоа време, прикажувајќи како машината реално се користела во минатото од страна на корисниците.

Архивата опфаќа над 600 различни оперативни системи за повеќе од 250 хардверски платформи. Понудата ги вклучува најраните мејнфрејм компјутери, работни станици, разни варијанти на Unix како SunOS и IRIX, како и домашни компјутери од типот на Apple II и Commodore.
Дополнително, зачувани се и мобилни платформи како PalmOS и рани верзии на Android, заедно со класични десктоп системи како OS/2, BeOS и постари изданија на оперативните системи Windows и Mac OS.
Овој проект е резултат на повеќе од две децении собирање на „слики“ од виртуелни машини од страна на развивачот Ендрју Варкентин.




































