Microsoft најави дека го поедноставува начинот на којшто ги именува надградбите кои ги пушта за нивниот Windows 11, со што корисниците ќе можат полесно да разберат за каква надградба се работи.
Од компанијата истакнуваат дека во насловот на надградбата веќе нема да бидат содржани технички информации како архитектурата на платформата или датата.
Истите сега ќе го носат само името на видот на надградба, односно кога се работи за безбедносна надградба, истата ќе биде наречена едноставно „Безбедносна Надградба“.
По насловот ќе продолжи да биде достапна и верзијата, како и точната надградба со „KB“ ознаката, а овој дел секако е важен за да може да се дојде до повеќе информации за истата.

Корисниците сега може да очекуваат надградбите да ги носат имињата како: security update, preview update, .NET Framework security update, Logitech Driver update и слично.
Начинот на којшто се именуваат надградбите на целиот систем останува, односно тие ќе продолжат да го носат името на месецот и годината, како и верзијата како на пример најновата, 25H2.

















