Откако неодамна го покажа изгледот на својот нов телефон, Motorola на овогодинешниот Snapdragon Summit ги откри и првите детали за motorola signature 27.
Уредот е еден од првите телефони со Snapdragon 8 Elite Extreme Gen 6, процесорот што Qualcomm го претстави истиот ден. Со ова се потврди и претпоставката дека телефонот ќе користи процесор од најновата серија на Qualcomm.
Ова е втора генерација од фамилијата signature и прв врвен модел на Motorola со нов начин на именување. Бројот во името ги означува последните две цифри од наредната година, па signature 27 носи ознака за 2027 година, иако на пазарот треба да стигне уште оваа година.
За ладењето е задолжен системот ArcticMesh, кој комбинира термален гел со дијамантски честички, течен метал, бакарна мрежа и редизајнирана парна комора. Според Motorola, системот е 40% поголем од претходната генерација.
Дополнително, телефонот ќе добие седум надградби на оперативниот систем и до седум години безбедносни ажурирања, иако тоа може да се разликува според пазарот.
Главната камера користи сензор Sony LYTIA 910 од 50 мегапиксели, а телефото камерата со перископ има резолуција од 200 мегапиксели. Motorola засега открива детали само за две од четирите камери што се гледаат на претходно објавените слики.
Видеото го подобрува Video Enhancement Engine, кој со помош на вештачка интелигенција ги прилагодува боите во реално време. Стабилизацијата комбинира софтверско решение од Qualcomm и оптичка стабилизација.
signature 27 е и прв телефон на Motorola со звук потпишан од Bang & Olufsen, по неодамна најавеното долгорочно партнерство меѓу двете компании.
Од софтверска страна, телефонот нуди Google Gemini, вклучително Gemini Omni за создавање видеа од текст и фотографии и Lyria за создавање музика.
Телото е од алуминиум, а модулот со камери е изработен од керамика и брусен алуминиум. Телефонот ќе се продава во две бои: PANTONE Coal Smoke со плетена текстура што го подобрува држењето и PANTONE Capulet Olive со завршна обработка налик на текстил.
Објавата на Motorola е полна со маркетиншки фрази, а цената и точниот датум засега недостасуваат. Компанијата наведува само дека телефонот ќе стигне на пазарите ширум светот во текот на 2026 година, а не е познато дали и кога ќе биде достапен кај нас.































![[АНАЛИЗА] Изборот е твој: Кој модел од Galaxy S26 серијата е скроен за твојот дигитален стил?](https://smartportal.mk/wp-content/uploads/2026/09/407-kv-family-galaxy-s26-fe-galaxy-s26-galaxy-s26plus-s26ultra-1200x600-1-218x150.webp)







